Актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов ја обвини неговата конкурентка за градоначалничката функција во главниот град на земјата Данела Арсовска, дека бидејќи нема стратешки решенија за градот прави шоу за граѓаните да не го увидат тоа.
„Ако немате стратешки решенија за градот, како што по мое мислење нема госпоѓата Арсовска, тогаш правите шоу, за да луѓето не ја видат стратегијата, за да луѓето да не го видат концептот, за да луѓето не утврдат дека дефакто се изнесуваат само флоскули. Скопје не е листа на желби“, изјави Шилегов во емисијата „Дебати“ на ТВ Шења.
Шилегов изрази сомнеж околу тврдењата на неговата противкандидатка Данела Арсовска дека проблемите на Скопје можеле да се менаџираат со професионален тим.
„Јас во оваа кампања освен Мицкоски не видов никој до госпоѓата Арсовска. Кој е тимот, кои се луѓето, кои се професионалците… Ме разбирате… И ќе правиме листа на желби“, изјави кандидатот за нов градоначалнички мандат, актуелниот градоначалник Петре Шилегов.