Во изминатите 24 часа, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентирал вкупно 38 пожари на отворен простор низ земјата. Од нив, шест сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а останатите 27 се целосно изгаснати.
Моментално најсериозната состојба е во источниот и централниот дел на државата. Активни пожари беснеат во реонот на Малешевските планини, кај селата Нивичино, Мал Готен, како и во општините Василево, Радовиш и Берово. Се работи за опожарена нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Сериозна е и состојбата во Македонски Брод, каде што на три различни локации – кај селата Грешница, Локвица, Крапа и Латово – се шират пожари низ мешана и деградирана шума, грмушки и сува трева. Слична ситуација има и во прилепскиот регион, каде што огнот се движи од селото Штавица кон Чумово, Волково и Прилепец. Пожар е активен и во Желино, меѓу селата Церово и Групчин, каде гори деградирана нискостеблеста шума.
Во исто време, пет пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожари кај селата Шурленци и Езерани во Ресен, во дојранското село Николич, во велешкиот регион кај Џидимирци, Крушје и Иванковци, како и во гостиварското село Симница. Контрола е воспоставена и во прилепскиот регион, на Радобилскиот рид помеѓу Царевиќ и Смолани.
Останатите 27 пожари, кои биле регистрирани ширум државата – од Скопје, Куманово и Гевгелија до Кичево, Струмица и Брвеница – се изгаснати. Најчесто се работело за горење на сува трева, ѓубре, стрништа и ниска вегетација. Имало и повторно активирање на пожар на иста локација, како што е случајот со селото Оризаре во општина Липково.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни, да не палат огнови на отворено и да го пријават секое сомнително движење на чад или луѓе на 112. Топлотниот бран, проследен со зголемени температури, ветер и сува вегетација значително го зголемуваат ризикот од нови пожари./ Макфакс