Центарот за управување со кризи (ЦУК) нѐ информира дека до 20:30 часот вечерва, во државата се евидентирани вкупно 24 пожари на отворен простор, од кои шест сè уште се активни, а 18 се веќе изгаснати.
Меѓу активните пожари, еден беснее кај селото Николиќ во општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума. Во општина Чучер Сандево, пожар го зафати реонот кај селото Горњани, каде исто така гори нискостеблеста шума. Два активни пожари има и во велешкиот регион – првиот кај селото Џидимирци, а вториот кај Крушје, каде пламените јазици зафатиле мешана шума. Сериозна ситуација е регистрирана и во општина Македонски Брод, каде што пожарот се шири помеѓу селата Црешнево, Локвица, Крапа и Слатина, горејќи деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација. Во Скопје, во општина Шуто Оризари, активен е пожар на улицата „Индира Ганди“, каде што гори отпад. Последниот активен пожар е регистриран во Прилеп, во населбата Три Багреми, каде е зафатена ниска вегетација.
Во текот на денот, пожарникарските и противпожарните служби успеале да локализираат и изгаснат 18 пожари. Во скопската општина Гази Баба изгаснати се два пожара – едниот кај гробиштата Камник, каде горела ниска вегетација, а вториот на улицата „Душан Тавковиќ“, зафатувајќи нискостеблеста шума и трева. Во Прилеп се изгаснати два пожара – едниот покрај патот од хотел „Салида“ кон Битола, а другиот меѓу селата Лажани и Ропотово. Во Ресен, изгаснат е пожарот во селото Перово каде горела трска, а во Охрид се локализирани два пожара – кај селото Оровник и во населбата Далјан, каде биле зафатени ниска вегетација и отпад. Во општина Виница е изгаснат пожарот во селото Ласки, а во Куманово се изгаснати три пожари – во кругот на фабриката на ФЗЦ, на местото викано Пармакови ниви, и во селото Умин Дол, каде гореле ниска вегетација и стрништа.
Дополнително, пожарот кај маалото Мишинци, во селото Пелинце, општина Старо Нагоричане, исто така е изгаснат, како и оној во селото Милутинци, каде гореле депонии и отпад – во две одделни интервенции. Во селото Градец, на територијата на општина Крива Паланка, изгаснат е пожарот во месноста Ѓошинска маала. Угаснат е и пожарот кај Поправниот дом во Тетово, како и два пожара во Гостивар – еден во близина на стадионот, а другиот во селото Чегране, каде гореле пченични полиња.
ЦУК останува на терен во координација со сите надлежни институции и апелира до граѓаните да бидат максимално внимателни и да не палат огнови на отворено, особено во овие екстремно суви и топли услови.