Државен советник ја обвини поранешната министерката за одбрана Радмила Шеќеринска за дискриминација по разни основи на вработените во министерството, кои поради тоа со години се борат преку институциите да ги заштитат нивните права.
Полковникот Мухаедин Беља во интервју за Тв Шења и порталот zoom.mk раскажува дека четири години од министерката Шеќеринска бил изложен на разни притисоци само заради тоа што како државен советник инсистирал во министерството да се почитува уставот и законите.
„Дојде на власт под мотото Живот за сите. Нејзината партија доби над 70 илјади гласови на Албанците, но таа ги злоупотреби тие гласови и го прекрши Уставот на Републиката. Таа го уби мултиетничкиот карактер на нашата земја со тоа што не водеше сметка за правичната застапеност“, истакнува полковник Беља, кој Воената академија за воздухопловство и против воздушна одбрана ја завршил во Сараево и Задар, а Југословенската војска ја напуштил доброволно веднаш по нападот на ЈНА против Словенија и како поручник се пријавил да служи во АРМ.
Беља тврди дека луѓето на министерката Шеќеринска на два пати и покренале дисциплинска постапка, во кои не биле утврдени никакви прекршувања на работната дисциплина, само да го спречат да конкурира на огласот за воен аташе во Вашингтон и да напредува во кариерата заради што бил принуден да го тужи Министерството, министерката Шеќеринска, државниот секретар Драган Николиќ и воениот аташе во САД полковникот Горан Павлевски за етничка, верска и професионална дискриминација.
Тој се жали дека иако тужбата ја поднел точно пред две години судскиот процес уште не ни е почнат. Досега биле закажани четири подготвителни рочишта, ниедна не се одржала, а биле сменети пет судии.
„Законот предвидува судските процеси поврзани со работни односи, посебно за дискриминација, на првостепено одлучување треба да завршат за шест месеци, и на второстепено за уште три месеци. Поминати се 24 месеци, ништо“, вели Беља.
Заради тоа Беља побарал заштита од Народниот правобранител, кој утврдил прекршување на правото за судење во разумен рок. Освен тоа, тој се пожалил и пред анкетната комисија на Собранието за заштита на човековите права, каде со месеци претседателот на Собранието Талат Џафери и Генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, не ја доставуваат жалбата до претседателот на Комисијата Халил Снопче за да постапува согласно неговите надлежности.
Според него, вакви неправди и дискриминација им се случуваат и на други вработени во Министерството од македонска етничка припадност, но и на претставници на други етнички заедници. Досега се поднесени три жалби за дискриминација пред Комисијата против дискриминација и има четири тужби на суд за дискриминација, а има илјадници судски тужби против Министерството за работни спорови.
„Истото му се случи и на полковник Борко Симовски. Пет судски спорови ги доби на суд, но Министерството одбива да ги спроведе. Човекот отиде во пензија, без да се спроведат судските одлуки. Башка тоа, три месеци откако замина во пензија, уште не ја добил пензијата затоа што некој во Министерството за одбрана не доставил некој образец во пензискиот фонд“, потсетува полковникот.
Освен тоа, уште еден офицер Македонец добил спор против Министерството за одбрана пред Комисијата за заштита од дискриминација, која недвосмислено потврдило дека вработениот Душко Димитровски бил вознемируван врз основа на лично својство и општествен статус во областа на работните односи од страна на непосредно претпоставени лица во хиерархиската поставеност во Министерството за одбрана, и тоа од министерката Радмила Шеќеринска и државниот секретар Драган Николиќ.
Полковникот Беља вели дека решил да проговори јавно затоа што досега сите напори правда да тера преку институциите не вродиле со плод.
„Јас можам да и простам како министерка, но не можам да верувам дека таа е мајка, дека родила дете. Како родител, како може таа да им врши таков притисок на луѓето во Министерството“, вели советникот Беља.