За поместување од статус-кво состојбите секогаш се потребни вистински политичари кои сакаат да пронајдат решение и во таа смисла големата лекција што се извлече од Преспанскиот Договор е дека не избираме политичари да служат како скапи огледала, туку политичари кои треба да гледаат во иднината, порача поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска на обраќањето на панелот „Научени лекции и просперитет“ на „Преспа форумот за дијалог“ во Струга.

– Денес за Преспанскиот договор никој не вели дека ќе го поништи. Јас не сум видела таков ниту во Северна Македонија, ниту во Грција. Тоа е големиот доказ за успехот на Преспанскиот договор. Дури и оние кои што беа строги критичари, сега молчат, рече Шекеринска.

Таа порача дека Преспанскиот договор не потсети оти миротворците се оние кои што го создаваат мирот, а по јавниот отпор што го имаше во почетокот, сега јавноста може да види дека има придобивки, особено денес кога безбедноста повторно е на дневен ред.

– Мислам дека нема многу луѓе кои што размислуваат што би се случило во Северна Македонија доколку не обезбедевме место како земја членка на НАТО. Тоа без Преспанскиот договор не беше возможно, истакна поранешната министерка Шекеринска, додавајќи дека за да биде витален Преспанскиот договор, потребен е ЕУ-контекст.