После 25 години, специјалните армиски сили добиваат целосно нова и совремана алпинистичка опрема.
“После 25 години, специјалните армиски сили добиваат целосно нова и совремана алпинистичка опрема, која што ќе значи голема промена и во поглед на вежбањето, но особено во поглед на користењето на Армијата во услови на критични ситуации, каде што е потребна и алпинистичка опрема, но и алпинистички тимови за заштита и спасување на граѓани или припадници на Армијата во непристапен терен.”, рече денеска министерката Радмила Шекеринска на промоцијата на новата алпинистичка опрема која ќе ја користат дел од припадниците на Баталјонот за специјални сили.
Промоцијата се одржа на полигонот за воена алпинистика во близина на Демир Капија, при што во рамки на презентацијата беше изведена и воена вежба за спасување на планински и карпест врв. На вежбата беше прикажана новата опрема, а беше вклучен и воен хеликоптер за воздушна евакуација и транспорт.
„Со ова речиси целосно го заокружуваме процесот на основно опремување на Армијата. Чекор по чекор покажавме дека кога тоа е приоритет, македонската Армија може да биде и вистинска НАТО Армија. Ги обезбедивме целосно сите припадници на Армијата и со основна униформа и чизми, меѓутоа и во исто време обезбедуваме и спортска опрема за сите припадници, гортекс одела, основно вооружување, АБХ опрема, а од денес и оваа алпинистичка опрема.”, истакна министерката Шекеринска.
Денеска овде, рече министерката, припадници на Армијата освојуваа врвови. Како држава, како Министерство за одбрана, покажавме дека никој врв не е недостапен, ако знаете која ви е целта, ако ги искористите ресурсите за вистинските приоритети и ако го сработите својот дел од задачата. Покажавме дека со вистинска опрема, со вистински одлуки од страна на Генералштабот, и вистинска владина политика, навистина можеме да сработиме многу”, рече Шекеринска.
На промоцијата на алпинистичката опрема присуствуваше и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски кој заедно со министерката ја проследи демонстрацијата на користење на опремата.
Набавката е извршена од буџетот на одбраната и е во износ од 15 милиони денари. Арсеналот алпинистичка опрема се состои од таканаречено витло за спасување, алпинистички јажиња за извлекување и за заштита при искачување, алпинистички појаси, алпинистички цокули и патики, шлемови, ламби за на шлемови, пластични и метални носилки за транспорт, бургии за бушење, канџи за вкопување во карпа и други потребни делови.