Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека нема да биде дел од новата Влада. Таа потсети дека пред осум месеци се повлекла од партиската функција заменик-претседател на СДСМ оти не се согласувала со дел од политиките, кои според неа, придонеле за пораз на локалните избори и не очекува работите да се сменат.
– За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме, и затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада, нагласи Шекеринска.
Потенцира дека во изминатите четири и пол години, таа, како и другите нејзини колеги, и служела на државата, и се оддолжила за голема доверба добиена од граѓаните, со членство во НАТО и најбрза воена интеграција од страна на која било кандидатка членка на Алијансата. И она што за неа било особено важно, апсолутно променета ситуација во нашата Армија.
– Тоа беше резултат затоа што работевме чесно, принципиелно и трудољубиво. Така треба да се работи и тогаш резултатите доаѓаат. Меѓутоа, ако не сме принципиелни кон себе, не можеме да бидеме принципиелни ни кон граѓаните, рече Шекеринска.
Во врска со односите меѓу Русија и Украина и можноста за ескалација на состојбата, Шекеринска рече дека и нашата држава, како и другите членки на Алијансата го поддржале коминикето на НАТО со кое се изразува сериозна загриженост заради ескалацијата на состојбата, особено со зголемувањето на руски трупи на границата со Украина.
– Ја споделуваме загриженоста и сметаме дека ова влијае на безбедноста, не само на Украина, туку и на целиот континет. Поддршка од страна на сите членки на Алијансата за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Беше испратен повик до Русија да ги намали тензиите и да ги повлече трупите. Во исто време НАТО изрази подготвеност да разговара со Русија, меѓутоа, тоа да не бидат флоскули туку за подобрување на состојбата и комуникацијата. Каква било нестабилност на европскиот континет, не поминува без безбедносни импликации врз останатите држави, рече Шекеринска.