Министерката Радмила Шекеринска и словенечкиот колега Матеј Тонин синоќа го посетија Берово, каде имаа средба со градоначалникот Звонко Пекевски и со локалното население.
На средбата градоначалникот ја пренесе благодарноста на луѓето од Малешевијата за помошта што им ја пружија словенечките пожарникари и Армијата при неодамнешните пожари. Тој изрази, како што рече, и огромна благодарност до министерката Шекеринска што издејствувала помош преку министерот за одбрана на Словенија, и рече дека општина Берово е отворена за соработка на планот на обуки и зајакнување на противпожарната единица.
Министерката Шекеринска рече дека по трагедијата што се случи во Берово и големата поддршка од Словенија, стана јасно дека на противпожарниот систем му е потребна реформа и дека поддршката од пријателските земји треба да се користи во таа насока.
“Словенија има големо искуство, тоа се виде и во Берово и тоа ќе го искористиме. Министерот Тонин понуди шанса наши пожарникари да заминат на обука во Словенија, а на противпожарните единици да им обезбедат опрема и обука за ракување”, истакна Шекеринска и дополни дека двете држави ќе настапат со заедничка програма за реформирање на противпожарниот систем во земјава.
“Берово ги зближи нашите две земји во врска што ќе се памети и ќе трае засекогаш”, изјави министерката за локалните медиуми.
Министерот за одбрана на Словенија Матеј Тонин истакна дека е задоволство да се помогне на пријателите кога најмногу имаат потреба од помош.
“Веднаш се одзвавме на повикот со праќање на противпожарни екипи и опрема. Задоволство ми е што бевме дел од успешната акција за победа над пожарите за да се спаси она што беше неопходно да се спаси, на што сме многу горди. Берово е најпознатиот македонски град во Словенија, бидејки луѓето со внимание ги следеа вестите од овде за време на пожарите. Берово цело време беше присутно во медиумите, така што нашите срца беа со вас во тоа време и радосни сме што немаше човечки и материјални штети”, рече Тонин.
Тој посочи дека Словенија преку нашето Министерство за одбрана ќе продолжи со поддршката во делот на противпожарната заштита особено преку донации во опрема како поддршка за пожарникарите.
Во знак на благодарност Берово им додели плакети на министрите и на Здружените сили на Словенија за цивилна заштита.