Покажуваме дека како држава сме сојузник во Алијансата кој придонесува кон безбедноста и придонесува кон развојот на одбранбената соработка во Алијансата. Ова е ден кога даваме уште една потврда дека по успешната прва година од членството во НАТО успешно ќе ја завршиме и целокупната воена интеграција во Алијансата, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска по средбата со министерката на Црна Гора Оливера Ињац.
Шекеринска изрази надеж дека во следниот период ќе расте одбранбената соработка. Посочи дека работната посета на министерката Ињац се совпаѓа со денот кога ја завршуваме вежбата „Одлучен удар 21“.
Најави дека со министерката Ињац ќе бидат присутни и на Криволак, каде изминатите три недели, нашата Армија, заедно со армиите на САД, Бугарија и Грција покажува што се можеме да сториме на планот на интеграција, интероперабилносот и развој на нашите способности.
-Во истиот период покажуваме и дека инвестираме во својата, но и во регионалната безбеднсот, а воедно го зацврстуваме и сојузништвото со нашите соседи, но и со САД, нагласи Шекеринска. Додаде дека посетата на министерката на Црна Гора е знак на пријателство, сојузништво и покажува дека сакаме да ја развиеме таа соработка.
-Се согласивме дека членството и на Црна Гора и на Северна Македонија во Алијансата даде дополнителна тежина на регионот, во смисла на зголемена безбедност и засилени капцитетит за развој на нашите економии. Продолжувањето на овој не само евроатлантски, туку и европски пат е многу важно за двете земји и дека како две сојузнички земји ја делиме таа идеја, таа визија на Балканот кој е интегриран и во ЕУ, изјави Шекеринска.
Таа смета дека има простор и за напредок. Информира дека веќе 11 години нашата Воена академија нуди шанса за воено образование и на питомци од Црна Гора. И оваа година, како што рече, повикав двајца кандидати кои ќе бидат кандидати на црногорската армија и кои ќе се вклучат во веќе регионалната група на питомци и кадети кои добиваат одлично воено образование на нашата Воена академија.
Шекеринска најави дека во текот на јули годината заедно со министерката Ињац и со својот колега од Словенија ќе ги посетат балтичките земји и додаде оти тоа го гледаат и како развој на регионаланата соработка. Информира дека и предложила на Ињац да испраќаат офицери на ротациона основа или цивили во Одбранбениот колеџ во Рим, каде поминале многу наши сегашни офицери.
-Мали држави мора да бидат паметни со своите финансии, мора да бидат паметни со користење на своите човечки ресурси. Предлогот кој го дадовме до Црна Гора е по две години да ротираме наши кадри и да обезбедиме наше присуство и во оваа важна институиција. Реткост е во нашиот регион да имате две држави кои никогаш немале отворени прашања, нагласи Шекеринска.
Министерката на Црна Гора, Ињац информира дека на средбата разговарале за повеќе теми и додаде оти како нато-сојузници и како држави тежнеат за стабилизација, регионална безбедост и регионален просперитет на Западен Балкан.
Посочи дека освен во одбраната, двете Влади имаат потенцијал за уште подобра соработка и напредок, особено во постковид периодот.