Украинскиот министер за надворешни работи Дмитрo Кулеба го обвини претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, дека се обидел да го прикрие фактот дека иконата што му ја подари на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е украдена.
Шефот на украинската дипломатија реагираше со објава на Твитер, откако Додик во вторникот тврдеше дека скандалот што изби околу спорното потекло на иконата, всушност е заснован врз „лагите на медиумите од Федерацијата БиХ”.
– Украинската икона ги изгоре рацете дури и на циничните руски дипломати кои се одрекоа од неа. Но, господинот Додик продолжува да лаже, надминувајќи ги своите повозрасни пријатели. Украина и натаму бара враќање на иконата, напиша Кулеба.
Во вторникот, по напуштањето на болницата во Бања Лука, Додик за првпат го прокоментира скандалот со иконата што избувна на 14 декември кога му ја подари на Лавров. Додик рече дека ја добил иконата, но не објасни од кого и кога.
– Јас ќе ги повикам и јавно ќе им ја вратам иконата, а тие и натаму нека објаснуваат, рече Додик.
Тој тврди оти нема докази дека иконата е во сопственост на Украина, и покрај фактот дека на задната страна има восочен печат што потврдува дека е регистрирана во таа земја во дваесеттите години на минатиот век.
Откако овој факт стана јавно достапен, рускиот министер Лавров ја врати иконата во Амбасадата на БиХ во Москва, а амбасадорот Жељко Самарџија, назначен од Додик, ја донесе во Сараево.
И покрај препораката на Русија да го утврди точното потекло на иконата, таа остана скриена и до неа не можеше да дојде ниту полицијата, иако Обвинителството на БиХ одлучи да преземе предистражна акција за целиот скандал.