САД нема да испраќаат свои сили во Украина како дел од можниот мировен договор, изјави денеска во Брисел новиот американски секретар за одбрана Пит Хегсет.

„Да бидам јасен, како дел од безбедносните гаранции, нема да има американски сили распоредени во Украина“, рече Хегсет на почетокот на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Американскиот министер рече дека Европа ќе мора да обезбеди огромна идна помош за Украина и додаде дека САД повеќе нема да толерираат „неурамнотежени односи во НАТО“.

„САД остануваат посветени на Алијансата и на одбранбеното партнерство со Европа. Но, САД повеќе нема да толерираат неурамнотежен однос“, додаде Хегсет, кој е во седиштето на НАТО за прв пат по преземањето на функцијата.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека европските членки на НАТО мора да трошат многу повеќе за својата одбрана.

„Треба да направиме многу повеќе за да го имаме она што ни е потребно за одвраќање и одбрана, за товарот да се дели поправедно“, додаде Руте.