Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре во Скопје ќе биде домаќин на својот грчки колега Никос Дендиас, кој доаѓа во официјална посета на Северна Македонија.
Како што соопшти МНР, во делот на билатералната соработка, фокусот на разговорите се очекува да биде ставен на интензивната динамика во средбите на највисоко ниво, унапредувањето на билатералната соработка и договорната состојба, што уследи по потпишувањето на договорот од Преспа. Ќе се разговара и за спроведените активности согласно договорот, како од страна на Северна Македонија така и од страна на Грција.
Во контекст на билатералните односи, двајцата министри ќе разговараат за напредокот во развојот на стратешкото партнерство, случувањата во регионот, посебно од аспект на неговите интегративни процеси, како и во случувањата пошироко во светот, со посебен осврт на најновите ангажмани во борбата за справување со пандемијата и состојбите во Авганистан.
Посетата на грчкиот министер за надворешни работи е во значаен период кога околностите на регионот и глобалните кризи налагаат заедничко координирање и дејствување меѓу двете соседните земји, со што се потврдува и унапредува нашето стратешко партнерство, стои во соопштението на МНР.
Во исто време, грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека на средбите во Скопје ќе се разговара за билатералните односи во целост и во сите области, вклучително и економијата и енергијата, европската перспектива на Северна Македонија, но и целосното имплементирање на Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Оттаму дополнуваат дека посетата е по поканата од министерот Бујар Османи, а Дендиас ќе допатува заедно со заменик-министерот за надворешни работи на Грција надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис.
Освен со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, наведуваат од грчкото МНР, шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, како и со претседателот на Собранието Талат Џафери.
По средбата Османи – Дендиас, предвидени се и изјави за медиумите.