Вкупно 60 луѓе се затруле од храната на Воеаната академија минатиот месец, извести денес министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во отчетот за сработеното во првите 100 дена од новата Влада. Договорот со компанијата што ја обезбедува храната е еднострано раскинат, а вработените добиваат пари место оброк. Министерот Мисајловски вели дека течат законските рокови по раскинувањето на договорот со досегашната компанија, а дали ќе бараат нова или ќе исплаќаат пари место храна, ќе одлучат вработените.
„Се случија овие немили настани, за жал, беа 60 луѓе, ова не би требало да се случува. Јас знам дека во секој договор може да има пропуст, но многу записници стигнаа во кои е потврдена целата постапка дека треба да се раскине договорот. Здравствените власти најдоа бактерии на работните површини. Компанијата при првото предупредување не ги отстранила недостатоците и во овој момент мораше да се раскине договорот. Во согласност со колективниот договор што е донесен, на секој припадник во Армијата и во Министерството му следува надомест за хранарина. Бидејќи договорот е раскинат, секому ќе му бидат исплатени средства. Во делот во Армијата, каде што мораат да имаат оброци, тоа веќе го регулиравме и ќе се готви во Армијата бидејќи така било и пред неколку месеци. Ги имаме продуктите, се разбира, ако нешто недостига, дополнително ќе набавиме“, рече министерот Мисајловски.
Во овој момент Министерство има на рапсолагање две постапки за снабдување со храна. Мисајловски најавува дека вработените ќе изберат која ќе се примени.
„Да се исплаќа целосно хранарина, како што е по колективниот договор, како што многу вработени посакуваат, или да се распише нова постапка за нова компанија што ќе дава оброк, односно кетирнг. Тие средства ги обезбедивме во буџетот. Она што најмногу ќе го бара Армијата и вработените – така ќе постапиме“, рече министерот Мисајловски.
Минатиот месец многумина питомци и офицери во Центарот за обука на питомците на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ побараа лекарска помош поради мачнина и повраќање, а имаше и хоспитализирани.