Изминатите месеци е направен суштински прогрес и сега е моментот за преминување кон следната фаза во процесот за интегрирање во Европската Унија, порача во интервју за МИА австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, нагласувајќи дека почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија е најгорливото прашање, кое ЕУ треба да го реши за да го врати својот кредибилитет.
Шаленберг со ова одговори на прашањето за неговите очекувањата во јуни да се тргне бугарското вето за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ, а напомена и дека билатералните прашања треба темелно да се дискутираат и решаваат меѓу државите, но тоа треба да се направи на билатерално ниво и не треба да се влече на сцената на ЕУ.
– Билатералните прашања и проширувањето не треба да се мешаат. И да не ја заборавиме основачката идеја на ЕУ: да се надмине војната и да се создаде просперитет преку соработка, истакна Шаленберг, кој денеска на Денот на Европа пристигнува во посета на Северна Македонија.
Во врска со преговарачката рамка и што таа би содржела, Шаленберг нагласува дека со оглед на тоа што билатералните прашања не се дел од ЕУ легислативата, тешко е да се вклучат такви референци.
Во интервјуто за МИА тој вели и дека проширувањето не смее да биде легалистички, бирократски процес, туку геостратешки инструмент.
– Во моментов, имаме бирократски пристап во однос на процесот на проширувањето, кој не не доведе до значителен напредок изминатите години, вели шефот на австриската дипломатија, кој потенцира дека доколку ЕУ не дејствува брзо во однос на нејзините ветувања кон регионот, тој ќе се сврти за поддршка на друга страна. – Не постои вакуум во светската политика или е европскиот модел или некој друг модел, вели Шаленберг.
Тој во интервјуто говори и за руската агресија врз Украина, за можноста да се постигне договор, за рускиот прекин на испорака на гас за одредени земји и како сето тоа се одразува врз неговата земја.