Министерството за образование и наука продолжува етапно да ги заокружува инвестициите во образовната инфраструктура кои се предвидени за оваа календарска година, а кои значат унапредување на условите за едукација на младите и на условите за работа на наставниот и стручниот кадар, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на денешната посета на Општина Липково по повод реконструкцијата на основното училиште „Дитурија“ што ја реализираше Министерството за образование и наука.
Шаќири нагласи дека тоа е компонента на образовниот систем на чија модернизација МОН ќе биде фокусирано и во следниот период, затоа што условите во училиштата во голема мера влијаат на мотивацијата за постигнување подобри резултати.
– Денеска ја заокруживме инвестицијата која започна некаде кон крајот на минатата година, а чини околу 10 милиони денари со кои се реконструираше фасадата, внатрешниот простор и санитарните јазли во училиштето. Се вградија квалитетни материјали на сите позиции и задоволен сум од реализираното и од тоа што 430 дечиња добиваат подобри услови за учење, рече Шаќири.
Честитајќи им на жителите на Општината, тој изрази уверување дека ова нема да биде последна инвестиција во Липково, затоа што Владата и МОН постојано и подеднакво инвестираат во сите региони и општини во државата.
– Досега е направено многу во оваа општина и со тоа процесот на нејзина модернизација значително се забрза. Жителите добија поквалитетни услови за живот и за секојдневно функционирање и тоа ќе биде така и во иднина. Особено ќе се фокусираме на младите, а тоа меѓу другото значи и грижа за нивно образование преку подобри училишта и поквалитетни наставни програми и учебници, потенцираше Шаќири.