Младите се во фокусот на политиките на Министерство за образование и наука. Со темелните реформи на образованието обезбедуваме сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование и ги реализираме трите главни приоритети на Владата во делот на политиките за младите, а тоа се: намалување на младинската невработеност преку зголемување на вработливоста, вклучување на младите во процесите на одлучување како и развој на нивните капацитети и давање шанса за креирање на општество по нивна мерка.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на националните консултации за подготовка на Националната развојна стратегија на државата за 2022-2042, во делот кој се однесува на младите.
Министерот посочи дека развојот на државата е неодвоив од образованието. Оттука и важноста на промените на сите нивоа на образование.
– Промените што ги правиме во средното стручно образование се со цел да оформиме млади луѓе подготвени да ги пресретнат барањата на пазарот на труд. Во дијалог со сите заинтересирани страни: општините, средните стручни училишта и бизнис заедницата, веќе втора година ги утврдуваме реалните потреби од стручен кадар на локално ниво, отвораме дуални паралелки за тие струки, заедно ги подготвуваме наставни програми и овозможуваме учениците да стекнуваат практична обука директно на работно место во компаниите. Исто така, деветтоодделенците ги информираме за можностите за едукација во секое стручно училиште, во општините каде живеат. Во услови на дефицит на стручен кадар, ваквиот модел на образование обезбедува успешен настап на пазарот на трудот, но, истовремено, за младите кои би сакале да го надоградат своето образопвание, дава можности за успешна академска надградба на техничките факултети, укажа Шаќири.
Стекнувањето знаења за претприемништво е еден од националните стандарди за постигнувања на учениците во основното образование, и тоа, како што наведе Шаќири, ги зголемува компетенциите на учениците за преземање иницијативи, за креирање и идеи и нивно претворање во производ или услуга, што ги јакне можностите на младите луѓе за нивна животна реализација.
За МОН, младите се сериозен партнер кој учествува во креирањето на важни одлуки за нивната иднина.
– Политиките, мерките и процесите кои се однесуваат на младите, на нивното образование и на младинскиот стандард ги дискутираме директно со нив. Министерството за образование и наука е отворено за нивните иницијативи, идеи и предлози, затоа што младите најдобро знаат што им е потребно, рече Шаќири, наведувајќи го примерот со матурата, која, на барање на средношколците, од минатата година се изведува со скратени програмите за екстерните испити, поради пандемијата, а оваа година, поради прекинот на наставата, прашањата за екстерните испити ќе го опфаќаат материјалот заклучно со март.
Шаќири наведе дека неодминлив дел на процесот на образовни промени е и дигиталното образование. МОН, како што рече, активно работи на акцискиот план на Европската комисија за дигитално образование 2021-2027, преку интензивирање на процесот на дигитализација и употреба на дигитални материјали за учење, смарт табли и дигитализација на образовните услуги.
– Образованието е тоа што ги поставува младите на патека кон вработување, реализирање на личните потенцијали и квалитетен живот. Но исто така, образоването е тоа што гради општества на благосостојба, кои грабат со брзи чекори кон развој и просперитет. Но, за да може системот на образование да ги оствари овие цели, неопходен е национален консензус дека треба да го градиме на принципи на кои се засновани образовните системи кои покажуваат најдобри резултати на релевантни мерењата на знаења и вештини, заклучи Шаќири.
Резултатите од националните консултации, освен за подготовката на Развојната стратегија за следните 20 години, ќе бидат искористени и за подготовка за дефинирање на националните заложба што ќе се презентираат на Глобалниот самит на Обединетите Нации, како и за унапредување на Стратегијата за образование.