Зголемување на инклузивноста на образовниот систем, вклучувањето на што поголем број деца со посебни образовни потреби во редовно школување и подигување на свеста на целото општество дека децата со атипичен развој се исти во различноста како и сите други деца, се цели на кои Министерството за образование и наука во изминативе неколку години интензивно работи, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната конференција „Инклузија на учениците со аутистичен спектар“ во организација на Универзитетот во Тетово.

-Посебните основни училишта ги трансформиравме во основни училишта со ресурсен центар и тие со своите кадровски и материјални ресурси се поддршка на редовните училишта за организирање на образовниот процес на учениците со попреченост кои се таму инклузирани. За оваа цел, ангажирани се 500 образовни асистенти. Односно, услугата образовна асистенција од оваа учебна година повеќе не е на товар на родителите, туку е обврска на државата, за што во 2021 беа одвоени речиси 60 милиони денари, а во 2022 повеќе од 200 милиони денари, рече Шаќири.

Образовните асистенти им помагаат на инклузивните тимови составени од наставник, стручен соработник и родител кои изготвуваат индивидуален образовен план за ученикот со попреченост и ги прилагодуваат планот и програмата согласно неговите потреби и можности. Дополнително, во соработка со УНДП, во средните училишта се ангажирани 52 образовни асистенти и пет лични асистенти во 16 општини.

-Во учебната 2021/22 година, во основните училишта се вклучени вкупно 911 ученици со посебни образовни потреби и 312 ученици со посебни образовни потреби се инклузирани во редовните средни училишта. Така што, бројот на образовни асистенти ќе се зголемува, доколку се зголеми и потребата од истите, односно доколку и други родители на ученици од оваа категорија, се изјаснат дека сакаат образовен асистент да биде ангажиран и за нивното дете,порача министерот.

Тој воедно информираше дека согласно новата Концепција за основно образование учебниците за 1-во и 4-то одделение се адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно испечатени се со Браева азбука, адаптирани и во аудио формат, а развиен е и аудио читач кој може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик. За основните училишта со ресурсен центар им се доделени средства од 2.500.000 денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование.

– Оваа учебна година, како и сите други видови на стипендии, така и за учениците со попреченост се зголемени од 2970 денари на 3500 денари на месечно ниво. Ќе потсетам дека во тек е реализација на проектот ИПА проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во чии рамки доделени се и 471 стипендии, информираше Шаќири.

Организатори беа студиската програма за специјална едукација и рехабилитација на Педагошкиот факултет на Универзитетот во Тетово, во соработка со Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

-Ваквите настани промовираат и ја подигнуваат свеста на пошироката јавност за правата што треба да ги уживаат овие луѓе со различни потреби, како и нивна интеграција во сите области од животот, како што се социјалните, образовните, економските и културните. За оваа подготвеност сведочат организирањето на вакви научни дебати, зголемувањето на финансиските обврски, ширењето на мрежите на различни институции за лицата со попреченост, како и ангажманот на кадар од областа на образованието и рехабилитацијата, исткна на проректорот за настава при УТ, Вулнет Амети на настанот.

Стручни излагања имаа професори од двата универзитети.