Благодарение на храбрите борци на Народно ослободителната борба, водени од начелата за правда, одговорност, еднаквост, но пред се за слобода, денеска ја имаме Република Северна Македонија, како слободна и независна, современа европска држава, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на отворањето на изложбата „По патот на нивната младост”, по повод 80 години од Народното востание и 73 години од основањето на Сојузот на борци на Нароослободителната и антифашистичка војна на Македонија.
Министерката потенцираше дека овие изложби се потсетник за вредностите кои не смееме да ги заборавиме и потсетник за личностите кои се вградија во темелите на нашата државност и слобода, за што сме им вечно благодарни.
– Република Северна Македонија денеска е демократска, мултикултурна, социјална држава, која се темели на слободарските и прогресивни идеи на АСНОМ. Тие даваат јасни насоки дека треба да чекориме и да се развиваме заедно со другите балкански и европски држави, почитувајќи ги принципите за слобода, сувереност, соработка, толеранција и дијалог, рече Шахпаска.
Таа се осврна и на достигнувањата на нашата земја која денес е рамноправна членка на НАТО Алијансата и сигурно чекори на патот кон ЕУ интеграциите.
– Градиме општество еднакво за сите, општество кое ќе интегрира, а нема да сегрегира. Општество кое ќе ги почитува различностите, а нема да дискриминира. Општество кое ќе нуди еднаков пристап до ресурси и рамноправно учество на сите граѓани во креирање на политики како предуслов за просперитетна заедничка иднина, рече министерката Шахпаска.
Оваа изложба е дел од низата настани со кои се одбележува овој значаен јубилеј, во годината кога одбележуваме 30 години од одржувањето на референдумот за независна и самостојна држава.