Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска потпишаа договор за грант со Општина Битола за изградба на нови, проширување и надградба на постоечки објекти за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст.
Според потпишаниот договор, во Битола ќе се гради нова детска градинка со капацитет за 152 деца кои ќе бидат поделени во осум воспитни групи, информира министерката Шахпаска на прес конференција во овој град.
– Продолжуваме со политиките за отворање на нови места за децата од предучилишно образование кое претставува прв чекор со кој дечињата влегуваат во системот, почнуваат да ги стекнуваат основните навики за животот, почнувааат да учат за социјалните контакти, да бидат воспитувани од страна на компетентни професионалци, воспитувачи и негуватели. На тој начин понатаму подготвени, продолжуваат преку основното образование во текот на нивниот живот. Досега, од 29. август со доаѓањето на оваа гарнитура на влада, отворени се шест детски градинки со капацитет од 416 места, финишираат уште четири детски градинки кои ќе бидат пуштени во првата половина на месец јануари со 200 места, а следната година продолжуваме со изградба на 15 нови детски градинки кои ќе опфатат 1.900 деца. Тоа значи дека сериозно се движиме кон нашето изборно ветување, до крајот на мандатот да отвориме дополнителни 7.500 места за сместување на деца од предучилишна возраст, посочи Шахпаска.
Градоначалничката Петровска потврди дека капиталните инвестиции во градот се реализираат со поддршка и взаемна соработка меѓу локалната и националната власт, а обезбедените средства се наочуваат во како што рече исклучително значајни области за граѓаните.
– Долго време Битола се бореше со листите за чекање во детските градинки, а денес потпишавме Договор со Министерството за труд и социјална политика за изградба на нова детска градинка која ќе биде лицирана во близина на ОУ „Св.Климент Охридски” во Битола. Во меѓувреме, како општина, склучивме договор за изградба на уште една детска градинка која ќе биде лоцирана во населбата што се гради во поранешната касарна. Новата детска градина во тој дел на градот ќе биде со капацитет за 250 дечиња, посочи Петровска.