Предизвиците со кои се соочуваат лицата кои немаат лични документи, бегалците и мигрантите беа тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри.
-Подготовката на Законот за лица неевидентирани во матична книга на родени е пример за решеноста на Владата да им помогне на лицата кои не можат да ги остварат човековите права поради непоседување документи, истакна Шахпаска.
Таа информираше дека Министерството за труд и социјална политика, беше координатор на работната група за подготовка на Законот за лица неевидентирани во матична книга на родени и ја координира работата на работната група задолжена за имплементација на Законот.
-Во текот на 2019 година, беа формирани мобилни тимови кои директно во ромските заедници, ги идентификуваа лицата неевидентирани во матична книга на родени. Во овој процес, идентификувани на терен биле околу 650 лица без документи, а согласно последните податоци, барање за прв привремен извод поднеле околу 200 лица. Процесот на обезбедување на документи мора да продолжи, затоа што тоа значи и нивен влез во системот на социјална заштита и пристап до образование, здравство и вработување, потенцира Шахпаска.
Претставничката на УНХЦР, Сандри изрази поддршка за заложбите и активностите на Министерството кои се во насока на евидентирање на лицата без документи со цел остварување на нивните основни човекови права.