Во идните академски граѓани гледаме двигатели на општеството и авангарда на промените кои треба да се случат за да можеме да одиме напред и да се интегрираме во европското семејство и воопшто во развиениот свет. И затоа ги поддржуваме, вложуваме во нив сега, создавајќи им услови и можности за што подобра едукација, за да можеме понатаму да очекуваме фидбек.

Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на настан во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје по повод Меѓународниот ден на студентите – 17 ноември.

Упатувајќи честитка до младите кои одлучиле академски да се образуваат и посакувајќи им успех во остварувањето на образовните и на животните цели, Шаќири рече дека за оваа Влада унапредувањето на студентскиот стандард е еден од врвните приоритети.

– Плански и со вклученост на засегнатите, на младите и студентите, воведуваме системски решенија, мерки и активности, создавајќи постојано нови образовни можности, подобрени услови за настава и нови облици на финансиска поддршка, рече Шаќири.

Тој истакна дека токму оваа владина гарнитура воведе неколку нови видови на стипендии кои во минатото не постоеја и тој тренд ќе продолжи и годинава. Дополнително, додаде Шаќири, износите на сите видови постојни стипендии од лани драстично се зголемени, некои дури и за над 80 отсто.

– Ова е добра прилика уште еднаш да информирам дека во новиот конкурс за доделување на студентски стипендии кој очекувам да биде објавен следната недела, предвидени се и стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделството, ветеринарството и шумарството. Тие ќе бидат 30 на број, во износ од 6000 денари на месечно ниво и ќе се доделуваат за девет месеци во годината, рече Шаќири.

Министерот потенцира дека стипендиите се заедничка иницијатива на МОН и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која очекува да биде добар стимул за упис на поголем број студенти на факултетите од овие области, затоа што кадарот е навистина дефицитарен.

– Оваа Влада го воведе и субвенционираниот студентски оброк. И не постои никаква намера тој да биде укинат, туку напротив имаме за цел законското решение кое го регулира искористувањето на оваа мерка, да биде надградено, а во иднина износот да биде уште поголем од тој што сега се доделува на дневна основа и е во висина од 120 денари. Деновиве почнуваме дискусија со студентите за изнаоѓање на најдоброто системско решение кое ќе се применува од март или април следната година, а до тогаш ќе имаме исплата по постојните услови и тоа ретроактивно, нагласи Шаќири.