Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на одбележувањето на годишнината од основањето на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност истакнал дека желба на секого во државава е да имаме универзитерт високопозициониран на глобалните ранг-листи.
Како што соопшти МОН, Шаќири посочил дека најважно е што таквите универзитети ќе создаваат генерации академски граѓани што ќе умеат да се носат со предизвиците на новото време, кои ќе бидат лидери на четвртата индустриска револуција и ќе бидат вреден човечки капитал што ќе се вложи во побрз развој и добробит на државата.
– Квалитетно висoко образование е еден од приоритетите на Владата. На овој факт се должи зголемувањето на државниот буџет за истражувања и насочувањето на најголемиот дел од средствата кон финансирање на научно-истражувачки проекти, опремување лаборатории и клинички сали односно планско, програмско и грантово финансирање на високото образование. Обезбедувањето дополнителни бенефиции за студентите и научно-истражувачките работници, можностите за стипендии и воопшто поткревањето на системската грижа за високото образование е вистинскиот пат кон издигнување на нашето високо образование до најдобрите европски академски височини, истакнал Шаќири.
Очекува дека Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност во претстојниот период ќе придонесе во подготовката на Националната програма за високото образование и ќе даде мислење и предлози за изготвување на Уредбата за мерила и критериуми за финансирање на високото образование и Националната програма за научно-истражувачка дејност.
Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност е самостоен стручен орган кој работи на унапредување на квалитетот на високото образование, интензивирање на научно-истражувачка дејност и поттикнување на меѓународната соработка. Беше формиран согласно Законот за високо образование и е составен од 15 члена – 12 професори и по еден член од МАНУ, од деловната заедница и од студентите.
Советот има обврска еднаш годишно да ги информира Собранието и Владата за предлог-мерките, решенијата и препораките што ги дал за подобрување на високообразовната дејност.