Во рамки на грчкото претседавање со Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА), од 2-10 ноември 2021 година, се одржаа пленарните Солунски состаноци на кои едногласно беше усвоена одлуката за прием на Република Северна Македонија, како 35-та полноправна членка на ИХРА.
Како што соопшти МНР, делегацијата на Северна Македонија предводена од амбасадорот Јован Теговски, национален координатор за ИХРА, ја претстави апликацијата во која се посочени резултатите и активностите во областите на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот во нашата земја. Австрија и Грција како држави ментори во пристапниот процес упатија силна и недвосмислена поддршка на приемот на нашата земја во ИХРА, а апликацијата беше позитивно оценета и од останатите држави членки на ИХРА и беа искажани највисоки оценки за остварените конкретни резултати во овие области.
– Полноправното членство на Република Северна Македонија во ИХРА претставува валоризирање на политиките на Владата и нејзината трајна определба за сеќавање на 7.144 Евреи од Република Северна Македонија-жртви на холокаустот, унапредување на образованието и истражувањето на холокаустот, борбата против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, како и континуирана промоција, почитување и заштита на човековите права, наведува МНР.
ИХРА е меѓувладина организација која претставува платформа каде што претставниците на владите на нејзините земји членки, национални и меѓународни експерти разменуваат идеи и искуства во врска со политиките и конкретните активности на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, а во последно време и на полето на геноцидот на Ромите. Организацијата добива се позасилена улога во меѓународни рамки, а нејзината релевантност се манифестира и во нејзините активности во борбата против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, дискриминацијата, ксенофобијата и расизмот.
Во ИХРА, покрај нашата земја, членуваат и најголем број земји членки на ЕУ (25), САД, Израел, Канада, Аргентина, Австралија и др.,како и неколку постојани меѓународни партнери-ОН/УНЕСКО, Советот на Европа, ОБСЕ/ОДИХР, Европската комисија.