Шефот на бугарската дипломатија дециден дека секоја земја мора да ги почитува критериумите и да се придржува до нив.
„Францускиот предлог ќе биде строго следен. Нема билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, туку меѓу Брисел и Северна Македонија“, ова за БГНЕС го изјавил шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.
„Бугарија останува исклучително доследна во однос на политиката кон Западен Балкан и европската интеграција на сите земји од регионот. Во 2022 година беше постигнат европски консензус (францускиот предлог), кој строго ќе се следи. Секоја земја мора да ги почитува критериумите, да се придржува до нив. Членството во ЕУ се заснова на сопствените заслуги“, вели тој, пренесува медиумот.
Георгиев истакнува дека „Бугарија и Владата остануваат апсолутно непоколебливи и посветени на овој пристап“.
„За нас безбедноста и европската интеграција на Западен Балкан е исклучително важна. Ова е инвестиција во стабилноста на цела Европа и ја препознаваме како земја која во 2018 година го започна, го охрабри и катализираше овој процес. Ги знаеме и ги чуваме нашите национални интереси и интересите на целата Европска унија“.