Во Северна Македонија денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.
Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.
Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија.
Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат.
Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети.
Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.
По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „23 октомври“. Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Собраниска делегација, во состав Дарко Каевски и Велика Стојкова-Серафимовска, ќе положи венец свежо цвеќе на Споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.
Ввладина делегација составена од Роберт Алаѓозоски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и Драган Василевски, советник за одбрана на претседателот на Владата ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.
Во организација на Патриотскиот институт „Гоце Делчев” на ВМРО-ДПМНЕ по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, ќе се одржи настан „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“. Најавени се обраќања на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и на претседателот на Патриотскиот институт, Александар Пандов.