Серијата „Адолесценција“ (Adolescence) би можела да добие продолжение, иако првично беше замислена како мини-серија. Стивен Грејам, еден од авторите и актери во серијата, потврди дека заедно со коавторот Џек Торн веќе водат првични, неформални разговори за можна втора сезона.

Грејам, кој во серијата го толкува ликот на Еди Милер, татко на главниот лик Џејми, изјави дека идејата е сè уште во многу рана фаза и дека, доколку дојде до реализација, новите епизоди нема да бидат подготвени наскоро.

„Тоа е нешто што е длабоко во нашите мисли и можеби ќе го извлечеме за три или четири години“, рече Грејам зад сцената на доделувањето на Златните глобуси.

„Адолесценција“ ја следи приказната за проблематичен тинејџер обвинет за убиство на соученичка, фокусирајќи се на последиците од злосторството, семејните односи и психолошките процеси кај младите. Серијата доби бројни награди, меѓу кои и Златен глобус за најдобра мини-серија, како и признанија за актерските остварувања.

Иако нема официјална потврда за продолжение, меѓу фановите веќе се појавија шпекулации дека втората сезона би можела да биде раскажана од нов агол или серијата да прерасне во антологија со нова приказна.

Текстот Серијата „Адолесценција“ би можела да добие продолжение е превземен од МАКФАКС.