Од Италија овие денови стигнуваат најави дека наскоро ќе биде дозволено присуство на навивачите на фудбалските стадиони. Ова е всушност одлука на италијанската Влада која денеска ја потврди и премиерот Марио Драги.
Откако во оваа земја беа објавени нови „полабави“ ковид-протоколи, „Скај Италија“ пренесе сензационална вест. Имено, најсреќни 1.000 навивачи ќе можат во живо да ги бодрат своите екипи почнувајќи од први мај.
Агенцијата АНСА објави дека максимум 1.000 гледачи ќе можат да влезат на стадионите, додека бројот на навивачи во салите ќе биде 500.
“Размислуваме за тоа. Сигурно е дека засега ќе имаме навивачи на Европското првенство и сакаме навивачите да бидат присутни и на финалето на Купот на Италија. Ништо сè уште не е потврдено за 1 мај”, кажа Министерот Андреа Коста.
Претходно, Владата на Италија даде дозвола натпреварите на Европското првенство да се играат пред публика, а на натпреварите во Рим ќе може да присуствуваат 26 проценти од капацитетот на Олимпискиот стадион.
Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Италија, Габриеле Гравина тогаш изрази желба навивачите да се вратат на трибините и на натпреварите од Серија А.