Фудбалерите на Шефилд јунајтед го приредија најголемото изненадување во 20. коло од Премиер лигата со победата над Манчестер јунајтед и тоа на „Олд трафорд“.
Последнопласираниот тим на табелата славеше со 1:2 и му направи услуга на големиот ривал на Јунајтед, Манчестер сити кој сега е лидер на табелата со 41 бод и натпревар помалку од градскиот ривал.
Уште од воведните минути можеше да се примети дека играчите на Шефилд немаат намера да се бранат туку се дојдени да се надигруваат со големиот фаворит и веќе во 17. минута преку Били Шарп први се заканија. Само шест минути подоцна Кин Брајан беше највисок во скокот пред голот на Де Хеа и ја смести топката во мрежата.
Со минимално водство на Шефилд заврши првото полувреме, а промената на резултатот дојде во 64. минута кога Хари Мегваер на идентичен начин израмни на 1:1.
По израмнувањето, фудбалерите на Јунајтед тргнаа во офанзива по нов гол, но се случи спротивното, само десет минути подоцна, шутот на Оливер Бурк удри во еден од играчите на Јунајтед и го збуни Давид де Хеа.
До крајот на натпреварот играчите на Јунајтед не успеаја да постигнат нов гол и врвот на табелата му го препуштија на градскиот ривал.
Дерби пресметката помеѓу Евертон и Лестер заврши без победник (1:1). По половина час игра, Евертон поведе со голот на Хамес Родригез, а израмнувањето го донесе Јури Тилеманс во 67. минута.