Семејствата на жртвите од несреќите на „Боинг 737 МАКС“ ја повикаа Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА) да ја одложи дозволата за враќање во функција на авионите, предупредувајќи на отворени безбедносни прашања.

Американската Сојузна управа за воздухопловство (ФАА) минатиот месец одобри враќање во функција на авионите „Боинг“ по промените и безбедносните проверки направени по две несреќи со вкупно 346 жртви.

ЕАСА соопшти дека може официјално да ја укине забраната во средината на јануари, откако ги проучи повратните информации од јавноста и секторот за условите за враќање на авионот во сообраќај.

Така, постојните авиони ќе мора да бидат опремени со нов софтвер, а електричните врски и инструментите во пилотската кабина ќе бидат сменети. Пилотите ќе треба да поминат дополнителна обука и секој авион ќе изврши пробен лет за да провери дали промените се правилно направени.

Истрагите своевремено покажаа дека причина за несреќите е грешка во софтверот за контрола на летот, кој се активирал во погрешно време и го насочувал авионот кон фатално понирање. Пилотите залудно се обидувале да ја заобиколат софтверската команда.

Боингот 737 MAX сега е безбеден, изјави шефот на агенцијата Патрик Кај за Би-Би-Си на почетокот на оваа недела.

ЕАСА детално го разгледа модифицираниот модел на авион и ги анализираше промените направени од производителот, нагласи тој.

Во писмото до Кај и во коментари во јавна расправа, семејствата и пријателите на жртвите од несреќата на Етиопија ерлајнс рекоа дека ЕАСА прво треба да заврши со анализа на изменетиот авион и безбедносниот извештај за несреќата.

– ЕАСА не може да заклучи дека изменетиот 737 MAX е безбеден пред да ја заврши сопствената проценка на безбедноста, се вели во писмото до шефот на Европската агенција.

Портпарол на ЕАСА рече дека агенцијата не ги коментира повратните информации во тековната фаза на процесот на одобрување. Конечната одлука за безбедност враќање во сообраќај се планира да се објави во јануари, откако ќе се анализираат сите повратни информации, додаде тој.