Росица Кулакова, сестрата на трагично загинатата Фросина најави дека утрешниот протестен марш е со јасни барања до надлежните институции.
Семејството ја повикува Владата да продолжи со поддршката и да ги сослуша барањата што ќе произлезат на протестите, а пратениците активно да се вклучат во промената на законите. Ќе се протестира и пред Апелација со порака до чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив.
Во прилог повикот за протестот:
„16.30ч пред Универзална Сала.
Симболично тргнуваме од овде. Местото каде што заврши сонот на Фосина. Местото каде што се прели чашата со крв. Местото каде што оваа иницијатива започна. Да и оддадеме почит на Фросина но и на сите жртви на корумпираниот и трул систем.
17.00ч пред Влада ( извршна власт)
Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата.
Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да не поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата “Кој е следен” и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме не само од власта туку и од опозицијата!
17.45ч пред Собрание (законодавна власт)
Бараме да се вклучат во промената на законите и Парламентот активно да контролира како тие закони се спроведуваат.
18.30ч пред Апелационен Суд (судска власт)
Бараме да се свестат дека гнојот во општеството доаѓа од овде! Бараме да сфатат дека и тие се дел од народот! Бараме чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив, а веруваме дека не сите судии и обвинители се исти!
Ве повикуваме сите да ни се приклучите во оваа борба за подобро утре! Сите сме Фросина!!! Секој еден може да е следен“.
Фросина Кулакова загина во сообраќајка на пешачки премин на „Партизанска“, кога во неа удри автомобил управуван од 20-годишниот Васил Јованов. Возилото го управувал пијан, без возачка дозвола и без да застане на црвено светло.