Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовираше новата владина мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците за училишен прибор и заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.
„Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите – без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да започне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување,“ изјави министерот Дурмиши.
Согласно членот 29 од Законот за трговија, Владата на Република Северна Македонија вчера усвои Одлука за утврдување на највисоки цени за продажба на училишен прибор во малопродажба и големопродажба, која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година.
Според одлуката се предвидува намалување на цените на училишен прибор најмалку за 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало.
Мерката, според соопштеното, важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор – од книжарници, преку супермаркети, до спортски продавници.
„Ќе биде опфатен широк спектар на производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен со оваа мерка ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката, со цел потрошувачите да имаат целосна и транспарентна слика.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи. Тоа значи дека намалувањето е реално, проверливо и фер – и за потрошувачите и за трговците,“ појасни министерот.
Оваа мерка, како што потенцираше Дурмиши е дел од поширок системски пристап на Владата да интервенира таму каде што трошоците се највисоки, а потребите најголеми.
„Минатогодишната „Училишна кошничка“ беше исклучително успешна – заштедите по ученик изнесуваа од 750 до 2.000 денари. Секоја семејна заштеда значеше повеќе можности за децата, а помал притисок за родителите,“ изјави Дурмиши.
Министерот подвлече дека целта останува иста, да им се овозможи на сите ученици еднаков и достоинствен почеток на учебната година, без финансиски бариери.
„Продолжуваме со следење на состојбите на терен, анализи и дискусии за нови мерки – секогаш водени од интересот на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка – а ние сме тука да помогнеме тоа навистина да се случи,“ вели Дурмиши.
Текстот Семејна заштеда и помал притисок за родителите: Дурмиши за поевтинувањето на училишниот прибор е превземен од МАКФАКС.