Селото Крупник во општината Симитли во Бугарија е мало, питорескно место, свиено во пазувите на Малешевска планина. Има нешто над 2000 жители и лик на мало градче. Улиците се асфалтирани, доволно широки, во селото има водовод и канализација, а беспрекорната чистота и тишината која владее се одликите на ова местенце. Луѓето се тивки и љубезни, а работливоста им е главната одлика.
Како и сите места кај нас, историски сведенија за организиран живот овде има уште од античко време, како и за време на Првото и Второто бугарско царство. Со доаѓањето на турците, селото е исламизирано уште во 17-от век, но жителите уште долго време го сочувале бугарскиот јазик во своето општење. Неисламизирани куќи останале само три во целото село, за ситуацијата да се промени по 1913 година, кога жителите-помаци си заминуваат од селото, заедно со турската војска која отстапува. Селото се празни, за потоа во неговите стари и трошни куќарки да се населат многубројните бежанци од Македонија и Грција, претежно од Негрево, Владимирово и од целата Малешевија, а исто така и од селата Шугово и Зарово од Беломорието. Од оваа-нашата, македонска страна, бегаат од српскиот терор во Вардарска Македонија. Ним им се придружуваат и многубројните бежанци од Егејско, кои бегаат од грчките насилија, за сите заедно да опстојат во слободна Бугарија.
Така почнува новиот, вистински живот на селото. Тие, бежанците од Грција и Македонија, заедно со придојдените од околината на Крупник кои тука се населуваат, ја пишуваат новата историја на местото. Тогаш, пред 110 години, во тие бурни и тешки времиња, крупничани решаваат да градат училиште-никнува училиштето “Св.св. Кирил и Методиј“, гордоста на селото. Така, училиштето ја носи просветата, а просветата го издига националниот дух на населението и нивната вечно неугасната жед за слобода.
Крупник и официјално, до денешен ден е погранично место. Тоа е удобна положба за револуционерни дејствија. Траги од ВМОРО има низ спомените на луѓето, но возобновената ВМРО на Тодор Александров, а покасно и на Иван Михајлов, од Крупник прави некој вид безбеден бедем и база за дејстија против кралството СХС, подоцна Југославија.
Во селото постоеле две групи на луѓе на ВМРО-автономистичка под оружје. Едната група луѓе биле нешто како селска милиција, заштита на селото и тие функционирале внатре во системот на Бугарија. Втората вооружена група била вистинска оперативна чета на ВМРО, составена од луѓе, како од селото, така и од нивните блиски од другата страна на Малешевијата, претежно од Негрево и Владимирово. Тие биле ударната сила на Организацијата, борбено подготвени за борба на територијата на Македонија, како терористи врз српските функционери во тој регион и како заштитници на македонците од српските насилија.
Силата на ВМРО во Крупник, најдобро се гледа за време на Септемвриското востание 1923 година во Бугарија. Во тоа време во селото веќе постои организација на комунистите, келија на БКП, но месниот комунистички секретар, и покрај наредбата на ЦК на БКП, одбива да го дигне народот на востание. Силата на ВМРО е евидентна и нема никакво оправдување за дигање бунт. Историјата тоа го потврди. Во август 1925 година, органите на ВМРО во Крупник откриваат нелегална група на комунисти и земјоделци, се вршат испитувања и Организацијата изречува и извршува казни над нив, вклучително и смртни казни.
Промената на власта по 1944 година, носи нови искушенија на местото. Припадници на полицијата од Благоевград, доаѓаат во селото со список за ликвидација и ги убиваат сите припадници на вооружената чета на ВМРО од селото. Во ликвидациите на вмровците, не учествува ниту еден од месните луѓе во селото. Тоа е дело на полицијата. Убиени се по список, без суд и пресуда. Се спасуваат малкумина, а меѓу нив и припадниците на селската милиција, кои исто така дејствувале под оружје, но над нив не се извршени смртни казни. Тоа е времето кога органите на безбедност на титова Југославија и комунистичка Бугарија, го кршат грбнакот на најсилната Организација во Европа, на задоволство на Москва и Белград.
Падот на ВМРО во Македонија и Бугарија е примен како трагедија на населението, па затоа последниот бастион на слободарскиот дух останува на просветата и образованието. Само еден кус преглед на развојот на училишното дело, сведочи за подемот на ова мало место:
Во 1912-13 г. во Крупник со одлука на општинскиот совет, на иницијатива на кметот Стоил Георгиев се одржува општоселско собрание за создавање на училиште. Едногласно е донесена одлуката училиштето да го носи името „Св. св. Кирил и Методиј“.
На 1 септември 1913 г. училиштето ги отвора своите врати, а на 1 февруари 1914 училиштето добива и официјален статус, преку државен указ.
Во прво одделение се запишани 15 ученици, во второ-7, во трето-6, во четврто-6, општо 34 ученици.
Училиштето прво се наоѓало во џамијата во селото. Првата учителка коja доаѓа во селото е Екатерина К’лева од Кукуш, која била воспитаничка на Солунската девическа педагошка гимназија. Таа ги учела децата до крајот на Првата светска војна. Со својот отворен карактер и љубовта со која ги учела децата оставила драг спомен кај локалните луѓе.
По доаѓањето на новите бежанци, во учебната 1914-1915 г. во училиштето веќе се запишани 131 дете, а е назначен и втори учител Тодор Георгиев.
Во 1933 г. во училиштето веќе учат 180 деца. Тогаш започнува градбата и на нова зграда за училиштето. Со пари на самите селани е изграден првиот спрат на училиштето со 6 училишни соби и 3 три помали кабинети. Во склоп на училиштето е изграден и театарски салон со сцена, фоаје и просторија за актерите.
Во периодот 1959-1963 се гради и вториот кат на училиштето. Истото станува основно училиште до 8 одделение. Во 70-те години во училиштето веќе учат 441 ученици.
Во 1995 г. Основно училиште „Св. св. Кирил и Методиј“ станува средно училиште. Во учебната 1995-1996 г. се запишуваат првите 21 ученици во Прва година.
Од 2009 г. училиштето веќе е претворено во Средно општо образователно за помалите населени места во општината Симитли.
На први ноември оваа година се одржа свеченост по повод 110-та годишнина на училиштето. Глетката беше импресивна. Училиштето беспрекорно чисто и уредно, а впечатокот е дека голем број од учениците се деца со таленти за сликање, пеење, рецитирање и слични нешта кои ги има насекаде меѓу нашите деца. Овде беше нешто друго импресивно-спрегата, единството меѓу децата и нивните наставници, единството во напорите за заеднички успеси. Училиштето има и куриозитет за кој во Македонија не сум чул-имаат сопствена химна. Текстот на химната е дело на актуелниот главен уредник на Трибуна.мк Атанас Величков, кој ја напишал во времето кога бил матурант во тоа училиште.
Во читалиштето каде се одржуваше големиот дел на свеченоста, во публиката седеа учениците, а речи си сите наставници се појавија на бината и заедно ја отпеаја химната на училиштето. Со нив беше и авторот на химната Атанас Величков, а постарите присутни наставници и луѓето од селото можеа да се забележат како седат расплакани на местата. Пееја сите со солзи на очите, заедно и прекрасно.
В дни на бунтовни времена,
когато свободата беше дар,
огряла бе в душата светлина
и нямаше чужд господар.
Да вървим с гордо вдигнати глави,
с ум и смелост ние да творим.
С помощта на учители добри
ние дори света ще покорим.
Доаѓајте во Крупник, се обрати на присутните Атанас Величков…ако немате каде да дојдете, ако не останал никој од вашите блиски, дојдете во училиштето, тука секогаш ќе има некој да ве пречека!
Тоа единство меѓу наставниците и учениците, ме потсети на оние преродбенски и револуционерни времиња, кога учениците и учителите од Битолската, Солунската, Пловдивската и Одринската гимназија, на повик на татковината, заедно со оружје во рака заминуваат да се борат за сопствениот олтар на слободата.
Си заминуваме од Крупник оплеменети со нови чувства. Зад нас остануваат великолепната селска црква “Св. Архангел Михаил“, гимназијата и читалиштето…трите столба на нашата Преродба-В’зраждането!