„Во последните денови откако премиерот најави или објави дека ќе се повлече има една би рекол чудна дискусија во медиумите, во која луѓето го молат Заев да не оди, затоа што тоа било лошо. Мислам дека таквата реторика не му служи на никој, најмалку на Заев. Заев веројатно и пред изборите беше свесен што прави, затоа што неслучајно стави се на една карта. Се обиде во последен момент да направи пресврт, не успеа и знае што следува“, изјави новинарот Насер Селмани во емисијата „24 Отворено“ на ТВ 24.

Според Селмани тие што направиле се’ за да го срушат Заев сега го молат „аман немој да одиш“. Селмани појаснува дека во случајот мисли на луѓето во неговата партија, коалиционите партнери, ДУИ и помалите партии.
Селмани е дециден дека тие го срушиле премиерот со нивната неодговорност и со нивниот начин на однесување.

„Заев за овие 5 години откако е на власт, направи многу повеќе од сите претходни, можеше многу повеќе, жално е што не направи. За тоа што така заврши си е виновен самиот. Ова е ситуација од која нема враќање, обидот да го задржат Заев, ќе му наштети не само нему, но и на СДСМ и на Владата “, вели Селмани.