Никица Корубин

Уставот (kushtetutë) е основата на секој правен систем, темелот на кој почива државата. Тој е “основниот закон” за секој граѓанин, и особено за оние кои врз негова основа се избрани и именувани да “владеат” според неговите постулати. Во него се наоѓаат сите правила и сета правда. И тој е еднаков за сите, бидејќи е одраз на внатрешното и меѓународното постоење на државата. Зошто тогаш “битката” за него е селективна? А, примената селектирана – се “вади” она што е подобно, и се игнорира она што е непожелно?

На толку многу споменување на уставот и особено “жестината” за негово “неменување”; чудно е како селективно се пристапува кон чување на постоечкиот устав со сите негови одредби. Вклучително и членовите произлезени од Охридскиот рамковен договор. Или особено тие. Па, кога уставот “се брани” од “внесување на Бугарите” или кога се “бранеше” од внесување на Преспанскиот договор (Времената спогодба); тој се “бранеше и брани” сосе Охридскиот Договор во него.

Па, зошто тогаш отсуство на масовна медиумска поддршка за правата на употреба на албанскиот јазик, како втор службен јазик во државата севкупно (освен во надворешната политика), во сите ситуации вклучително и во најновата “селективна примена” на уставот за полагање на правосудниот испит? И еднакво важно, зошто целосно отсуство на одбрана на примена на уставот од страна на “македонската” политичка “елита”? Уставот е еден или има “устав за Македонците” и селектиран “устав за Албанците”?

И токму ова речиси целосно отсуство на официјално политичко реферирање на неприменување на уставните одредби, кои се однесуваат на употребата на албанскиот јазик – кој е идентитетска одредница за значителен дел од граѓаните – во услови на блокада на целата држава поради наводна “идентитетска загрозеност” на Македонците; ја покажува двојната злоупотреба (и на партиско/политичко и на граѓанско ниво) на уставот и фактичка негрижа кон него.

Ако уставот е “свет” тогаш тој е “свет” со сите одредби во него; тогаш за нас е “свето” и уставното име, за нас е “свето” и правото на употреба на албанскиот јазик; за нас се “свети” и правата на сите граѓани произлезени од него. Па, каде е таа грижа, каде се партиските соопштенија, каде се анализите на медиумите, каде се политичките ставови за неприменување на уставот, во однос на правото на употреба на вториот службен јазик? Каде се Македонците да ги бранат правата на Албанците, кои константно ламентираат за своите права? Каде се да го бранат уставот?

Затоа што, ако членовите во уставот произлезени од Охридскиот рамковен договор, се третираат како “проблем”, а не “придобивка” со јасна опасна тенденција на нивно релативизирање и суспендирање; тогаш всушност произлегува дека најголема “опасност за уставот” како темел на правниот поредок на државата, не се ниту “влезот на Бугарите”, ниту “јазикот на Албанците” – туку одбивањето на Македонците да го почитуваат и спроведуваат сопствениот устав. Односно, “избраните и именуваните” Македонци, токму во согласност со тој устав.

Наметнувајќи уште еднаш, во низата на многуте обиди во 35 годишната независност; обид за етничка (политичка) супремација (Македонците се тие кои ги даваат правата, а не уставот; Македонците се тие кои одлучуваат за промена на уставот, а не меѓународните договори и граѓаните) спротивна на уставот и духот на општеството, на апсолутна штета на сите граѓани и на самите етнички Македонци.

Не разбирајќи дека одбраната на правата на Албанците да го употребуваат вториот службен јазик во државата, нивниот мајчин јазик, е одбрана на уставот и мора да е обврска на сите институции и избрани и именувани функционери. Молкот и соучесништво е де-факто “прекршување” на уставот. А, прекршување на уставот по една основа, го одзема легитимитетот за “бранење” на уставот по друга основа.

Нема “устав за Македонците” и “устав за Албанците” или “устав за сите други”. Има устав на државата, чие име е Република Северна Македонија, во кои се вклучени (или ќе бидат вклучени) сите меѓународни договори, кои ја градат и стабилизираат државата во сложени гео-политички односи, и го помагаат нејзиниот опстанок и функционалност. За доброто на сите граѓани и секој еден од нас. Уставот е еден, и почитта кон него и неговата примена е една. Во целост. Правата на Албанците се обврска и на Македонците. Затоа што се права на граѓани, со јасна етничка определба. Кој е чувар на уставот во целост е чувар и на нашата држава. Не-селективна и не-селектирана.