Ова е последната дебата одржана меѓу лидерите на албанските партии, односно меѓу Арбен Џафери и Али Ахмети во 2006 година. Поминаа 15 години, а албанските лидери никако да се договорат да седнат и да се соочат лице в лице на телевизиска дебата. ТВ21 неколкупати се обиде да организира ваква дебата.
„Мојот одговор е да. Во секој момент, каде и да било. Мојот одговор е да. Не сакам да навлегувам во тоа што сакал да калкулира Ахмети, но се надеваме дека ја сфатил оваа важност за демократијата. Да имаме можност да ги видиме оние кои велат „ние се тркаме и сакаме да ја преземеме судбината на вашите семејства во наредните четири години“. Да ги видиме и да се соочиме“, истакна Зијадин Села.
Првиот човек на интегративците честопати велеше дека е подготвен за дебата, но даде услов албанската опозиција да избере еден претставник. Пред четири месеци, Али Ахмети во „Клик Плус“ вети дека ќе излезе на дебата со Зијадин Села доколку опозицијата го избере својот претставник.
Фатмир Алиу: Кога на дебата со г.Села?
Али Ахмети: Нека го одредат претставникот на опозицијата.
Ф.А: Да одредат кој ќе биде претставникот на опозицијата? Така ќе направиме, ќе го прашаме г.Села.
А.А: Контактирајте со него и прашајте кој е претставник на опозицијата.
Ф.А: Ќе ми ја направите таа чест пред локалните избори?
А.А: Да.
Ф.А: Ви благодарам.
Вчера во ТВ дуел се соочија лидерите на двете најголеми македонски партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, кои и претходно неколкупати седнаа на дебата лице в лице. Но, како што се чини, ќе треба уште да чекаме за вакво нешто да се случи и меѓу албанските лидери.
Го прашавме портпаролот на ДУИ, Бујар Османи – што мисли околу идејата за телевизиско соочување меѓу албанските лидери?
„Јас мислам дека тука имаме технички проблем, бидејќи ние се соочуваме со коалиција ВМРО-АА-ААА. Тие треба да се договорат кој ќе биде раководителот на таа коалиција, со кого треба да разговара Али Ахмети – со Мицкоски, чија партија е најголема партија во коалиција, со Зијадин Села – како втора партија, или пак со Африм Гаши – како треба партија. Нека се договорат, нека ни кажат кој е раководителот на коалицијата, па потоа ќе седнеме и ќе разговараме“, посочи Бујар Османи.
Потсетуваме лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села во емисијата „Клик Плус“ која се емитуваше в понеделник, уште еднаш потврди дека е подготвен за дебата со неговиот опонент Али Ахмети.
Извор: ТВ 21