Села не се откажува од измените на Законот за државјанство

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, настојува да добие поддршка за предлог-измените на Законот за државјанство. Според неговата изјава за магазинот „Клик плус“ на ТВ21, овие измени се во полза на секој граѓанин, без оглед на етничката припадност. Очекува поддршка од ДУИ, но и од сите други владејачки и опозициски партии кои имаа резерва кон предлогот. Села вели дека од законот е отстранет делот „опасност за безбедноста на државата“, точка поради која голем број граѓани не стекнале право да добијат државјанство.

„И во вашите прилози деновиве видов дека има еден човек кој не добил државјанство само по таа точка, точка која ние ја отстранивме – дека бил опасен за државата. Па, каде се тие луѓе? Продолжуваат да живеат тука, продолжуваат да живеат без здравствено осигурување, без право да конкурираат на пазарот на трудот, без право на пензија. Како може некој кој со години е тука и можеби нема ниту еден законски прекршок, да ја загрозува безбедноста на државата, а уште помалку нашите баби и дедовци од по 80-90 години…“, истакна Зијадин Села.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Назим Буши, на Фејсбук напиша дека се сретнал со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.

„Прашањето околу државјанствата на граѓаните и остварувањето на нивното право за добивање на овој важен документ беше целта на денешниот состанок со директорот на Агенцијата за национална безбедност, г. Виктор Димовски. Заедно ги разгледавме сите можности и алтернативи за граѓаните што побрзо и без бирократски пречки да можат да стекнат право на државјанство“, напиша Буши.

Иницијативата на Алијанса за Албанците и Алтернатива за законски измени е во собраниска постапка и треба да се разгледа во Комисијата за одбрана и безбедност.