Директорот на Општата Болница Охрид денеска го разреши и суспендира секретарот на болницата, кој спротивно на Националниот план за ковид имунизација се вакцинира преку ред во модуларната болница во Скопје.

Од Министерството за здравство велат дека ја осудуваат секоја злоупотреба и прекршување на приоритетните групи опфатени во трите фази на ковид имунизација. Воедно велат дека никој кој не е здравствен работник, опфатен во првата група, од првата фаза за имунизација, не смее да се вакцинира.

Министерството за здравство апелира до сите здравстени установи, кои ги изготвуваат списоците за вакцинација и ги испраќаат до националниот систем Мој термин, дека за непочитување на планот и стратегијата за вакцинација, како и за секоја злоупотреба на процесот ќе следуваат строги санкции.