Со денешната посета на Битола, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, ги продолжи теренските обиколки на општините низ земјава, каде што има или се во фаза на отворање пратенички канцеларии за контакт со граѓаните.

Гаши ја почна оваа посета со средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој го запозна претседателот на Собрaнието со тековните предизвици и проекти за развој на Општината. На средбата беа разменети и мислења околу можностите за поблиска соработка меѓу законодавната и локалната власт, со цел да се реализираат заеднички проекти кои ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните на Битола и да се создадат најдобри можности за развој во овој регион.

Во придружба на пратениците од Битола, Олга Лозановска, Силвана Ангелевска, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Пеце Милевски, Гаши ги посети и пратеничките канцеларии, како негова редовна пракса за ставање во функција на канцелариите во секоја општина.

Во таа пригода, Гаши ја истакна својата заложба за зајакнување на комуникацијата со граѓаните, гарантирајќи дека нивниот глас ќе биде слушнат и нивните барања ќе бидат земени предвид во процесите на носење одлуки. Претседателот на Собранието, исто така, се заложи за унапредување и подобрување на капацитетите на овие канцеларии и ги охрабри пратениците да организираат што повеќе средби со граѓаните, со цел нивните потреби да бидат соодветно застапени во Собранието.

За време на престојот во Битола, претседателот Гаши го посети и Музејот на албанската азбука во овој град, посочувајќи дека ова место е вечно засолниште на националната историја и за страста за албанско образование.

„Секогаш е волшебно чувството да се биде тука каде што се поставени темелите на азбуката на нашиот јазик, бесмртен симбол на националното единство и гордост. Оваа пријатна посета послужи како момент на размислување за визијата, храброста и пожртвуваноста на нашите предци, кои ни овозможија да ја имаме и зачуваме азбуката на убавиот албански јазик“, рече Гаши.