Пишува: Ивон Величковски
За да се одржи впечатокот дека Северна Македонија не губи ништо посебно со само-закочувањето на преговорите со Брисел, медиумите на македонски јазик побрзаа да протолкуваат дека приемот на новите членки ќе биде успорен од новата германска влада.
Имено, Берлин се приближува до позициите на Париз околу неодржливоста на едногласноста во носењето на сите решенија во ЕУ, со кои проруските антени во одредени европски центри го блокираат одлучувањето во Брисел за свои или прокси цели.
Она што медиумите на македонски го одбегнуваат е можноста ЦДУ/ЦСУ (која веројатно ќе го води ресорот надворешни работи во Германија) да и помогне на сестринската ВМРО-ДПМНЕ (која го води овој ресор во Северна Македонија) во процесот на пристапување на нашата земја – низ спроведувањето на преземените обврски од нас.
Секако, доколку Мицкоски, Муцунски и Силјановска-Давкова навистина се посветени на процесот. Од средбата Муцунски-Кос, но и од широкиот лак во кој Мицкоски и Силјановска-Давкова го заобиколуваат Брисел – може да се заклучи дека баш и не се.
Започнатото медиумско препарирање е всушност само држење до етно-партиското „усогласување“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со минатонеделната „лидерска средба“, која утврди три области на договор меѓу „Белата палата“ и „Бихаќка“: енергетика, здравство и правосудство.
Но – очекувано – не и договор кога започнува процедурата за поднесувањето на амандманот на Уставот со кој ќе се дополни Преамбулата. Бидејќи со комплетирањето на уставното дополнување – продолжуваме со преговорите.
Затоа медиумите премолчуваат дека новата методологија по која Албанија и Северна Македонија ги започнаа преговорите всушност беше гаранцијата на Париз дека исполнувањето на конкретни критериуми и држењето до прифатените стандарди значи пристапување на секоја од земјите-кандидати независно од внатрешните (ре)организациски поставености во Европската Унија.
И дека приближувањето на Берлин до овој пристап на Париз – е потврда за осигурувањето на пристапниот процес, а не за негово запирање.
Имено, внатрешното (ре)организирање не се најавува за држење на ЕУ во овој број на членки, туку за функционализирање на ЕУ во услови на поголем број членки.
Оттука, Црна Гора продолжува со своите преговарачки активности, а Албанија забрзано комплетира преговарачки поглавја.
И Тирана и Подгорица продолжуваат во процесот затоа што сакаат да ја остварат својата национална цел полноправно членство во ЕУ, согласно методологиите за пристап и преговарачките рамки кои ги имаат усвоено. А Скопје – очигледно не.
Затоа, провидно е етно-правосудното таргетирање на Албанците во истрагата за трагедијата во кочански „Пулс“, особено по „лидерската средба“ (ако не и од самото утро на случувањето на трагедијата): тоа има за цел го антагонизира македонското јавно мислење кон Албанците.
Во 1997 истите центри со исти мотиви ја дистанцираа земјата од Унијата и за тоа им беше потребно антагонизирање на Македонците и Албанците.
За таа цел беше спроведена полициската „интервенција во Гостивар и Тетово“, по која (Северна) Македонија беше одвоена од Словенија од првиот бран проширување на ЕУ согласно Агендата 2000.
Можност што ја имавме како држава далеку пред влезот на Бугарија, Романија и Хрватска во ЕУ.
По „Гостивар и Тетово“ и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се вратија на внатрешно-партиските, а не на надворешно-политичките приоритети (економија, енергетика, „правна држава“…) – како и сега, впрочем. Со сите последици потоа.
Оттука антагонизацијата што тогаш се проектираше преку односот кон ПДП, па кон ДПА тогаш, сега кон ДУИ, утре кон (поединечни или сите партии од) ВЛЕН – има само за цел Скопје да го врати во теренот на меѓусебното уредување на односите меѓу Белград и Приштина.
Ако во 1997 целта беше decoupling на Скопје од Љубљана, домашните „експерти“, „јавноста“ и започнатите политички маневри на „македонските“ партии сега целат на спречување на recoupling-от на Скопје со Тирана и потоа формирањето целина на аспиранти за ЕУ-членство заедно со Подгорица.
И, секако, за оваа операција за самоблокирање на евро-интеграцијата на Северна Македонија од ова југословенско политичко Скопје, „дежурни виновници“ ќе бараме во Атина, Брисел, Берлин, Париз, Подгорица, Софија, Тирана.
Во овие 35 години бегање на Скопје од Брисел, ЕУ мина низ трансформации и темелни договори со кои од лабава континентална организација прераснува во наднационална структура со заедничка надворешна, економска политика, пазар и монетарна зона, а следно и со своја одбранбена политика.
Наша цел како Движење, споделена и со мнозинството граѓани на Северна Македонија и мнозинството Македонци е следната трансформација кон позаедничка и поединствена континентална економска, политичка и одбранбена целина да ја дочекаме во неа.
Предизвиците се многу помали од придобивките, а целта полноправно членство во ЕУ е достижна.