Вчера беше објавен скандал од страна на порталот „360 степени“ во кој се тврди дека лично претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини интервенирал и наредил да се исфрли делот со кој се величи заслугата на селекторот Игор Ангеловски во навивачката химна за ЕП. Горан Пандев беше разочаран, а Илија Несторовски, кој како што изјави бил присутен на настанот, ја потврди случката.
Сепак, еден ден подоцна, преку официјалната ФФМ страница се огласи претседателот Мухамед Сејдини. Тој вели дека никогаш не би си дозлолил на самиот себе си да негира нечии заслуги или да се меша во туѓа работа.
Во продолжение во целост обраќањето на Мухамед Сејдини.
Обично практикувам да комуницирам со Вас секогаш кога најавуваме нови проекти, успеси и информации што значат промоција на македонскиот фудбал, особено во периодот кога ја живееме нашата долгоочекувана фудбалска бајка што е и единствено очекувано да се прави.
Во една прилика јавно кажав: „Ако државата функционира како фудбалската репрезентација на Македонија, тоа ќе биде добро за сите”
Тоа го мислам и денес, но принуден сум овој пат да се обратам до сите Вас по повод пишувањата на одредени медиуми за мојот однос со селекторот на репрезентацијата.
Се обидувам, но никако не можам да ја разберам потребата за новинарски сензации и наслови кои никому не му одат во прилог, а кои се целосно невистинити и најостро ги демантирам.
Јас, Муамед Сејдини, потполно сум убеден дека во моментот ја имаме најдобрата генерација македонски фудбалери, генерација која го постигна најдобриот резултат во историјата на нашиот фудбал и верувајте, ќе продолжат уште повеќе да не радуваат сите нас.
Ваквото мислење го имав и во текот на квалификациите за Европското првенство во јуни – септември 2019, кога голем број спортски работници и јавноста бараа смена на селекторот во периодот кога игравме со Израел, Полска, Австрија, а немавме добри резултати.
Но, јас верувам во континуитет и верувам дека брзите одлуки не се добри решенија. Цврсто стојам на ставот дека за секој успех треба и време и многу работа. Се потврди дека тоа е исправно. На радост на сите нас, резултатите дојдоа после две години.
Тогаш бев цел на критики од јавноста, критиките ги трпам и сега, но сето тоа вреди кога имате искрена цел пред себе и единствено за што размислувате е успехот.
Оваа Македонија е моќна и наша цел е континуиран настап на големите натпреварувања. На добар пат сме тоа да го постигнеме.
Апсолутно не очекувам никој мене лично да ме пофали за истото, бидејќи јас ниту асистирам, ниту постигнувам голови, ниту правам тактика за натпреварите.Тоа го прават нашите златни момци и стручниот штаб.
Колку малку е потребно за сите во Македонија да доживеат моменти на среќа и радост, покажаа 90-те минути на натпреварот со Германија, а посебно после последниот свиреж на судијата.
Моја најголема одговорност е оваа атмосфера во репрезентацијата, оваа фудбалска бајка да продолжи, да се надградува и никој од страна да не успее да ја расипе.
Во спортот нормално е да има разговори и различни мислења. Тие се решаваат интерно и со договор бидејќи целта на сите нас е Македонија да оди само напред и никако поинаку.
Секогаш практикувам и се обидувам да ги слушам советите на професионалците во својата област, така беше и во случајот со навивачката химна. Го одбравме тоа што беше сугерирано како најдобро решение, а никогаш не би дозволил да се мешам во туѓа работа, а посебно да негирам нечии заслуги.Тоа е една од најлошите особини што човек може да ги има.
Сега е наше време сите да се обединиме зад фудбалската репрезентација на Македонија.
Сега е наше време сите да помогнеме за успех на претстојното Европско првенство.
А, јас во секое време сум на располагање за сите медиуми да одговарам на сите прашања.
Ве уверувам, нема да дозволам никој по било која цена која што е надвор од фудбалот да ја наруши прекрасната атмосфера што владее во репрезентацијата.Тоа е моја должност и обврска. Да го зачуваме тоа што сите нас не прави среќни, горди и радосни.
Сега е навистина наше време!
Напред Македонија!