Турција денеска официјално се откажа од меѓународниот договор насочен кон борба против насилството врз жените, т.н. Истанбулската конвенција, што е одлука на претседателот Реџеп Таип Ердоган, која предизвика жестоки критики од домашната и меѓународната јавност.

Во повеќе турски градови во текот на денов се предвидени протести поради повлекувањето од Истанбулската конвенција, кое го најави Ердоган во март, а стапи во сила синоќа на полноќ.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, т.н. Истанбулската конвенција, е документ од 2011 година, потпишан од 45 земји и ЕУ.

Станува збор за прв правно обврзувачки и сеопфатен меѓународен механизам за борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Конвенцијата обезбедува нова и детална меѓународна правна рамка за поефикасно искоренување на семејното насилство и насилството врз жените.

Одлуката на Ердоган да ја повлече својата земја од конвенцијата, иако бројот на убиства на жени во Турција се зголеми во текот на изминатата деценија, предизвика гнев кај организациите за заштита на правата на жените и критики од ЕУ, Вашингтон и Високиот комесаријат за човекови права на ОН.

Турската Влада ја појасни својата одлука велејќи дека Истанбулската конвенција „ги поткопува семејните вредности“ и „сака да ја прикаже хомосексуалноста како нормална“, бидејќи повикува луѓето да не бидат дискриминирани врз основа на сексуална ориентација.

За разлика од многу земји со мнозинство муслиманско население, хомосексуалноста не е забранета со закон во Турција, но хомофобијата е широко распространета.

Аналитичарите ја толкуваат одлуката на Ердоган пред се како негова желба да собере конзервативно гласачко тело во контекст на економските проблеми со кои се соочува земјата.

– Ова повлекување испраќа опасна порака до оние кои вршат насилство, осакатуваат или убиваат: им кажува дека можат да продолжат да го прават тоа со целосна неказнивост. Во однос на правата на жените, Турција се врати десет години наназад, изјави денеска шефицата на Амнести Интернешнл, Агнес Каламард.

Минатата година 300 жени биле убиени во Турција од страна на нивните партнери или поранешни партнери, покажуваат податоците на Здружението за правата на жените „Да ставиме крај на убиството на жени“.