Френк Лампард повеќе не е тренер на Челси, потврди англискиот тим денеска.

Скај Спортс утринава извести дека Лампард денеска ќе добие отказ и не негово место ќе пристигне Томас Тухел кој веќе ги прифатил понудените услови и во текот на денот ќе потпише договор со „сините“.

На отказот на Лампард му претходеше одлуката на управата на Челси да ги извести фудбалерите дека денеска нема потреба да доаѓаат во тренинг центарот што беше јасен сигнал судбината на менаџерот е веќе решена.
Сопственикот Роман Абрамович и управата беа разочарани од лошите резултати на Челси во последно време кој во петте натпревари во Премиер лигата победи само еднаш, а забележа дури три порази.

– Ова беше тешка одлука за клубот, не само поради тоа што имам одлични односи со Френк туку и поради големиот респект кој го имам кон него. Тој е човек во голем интегритет и има највисока работна навика. Меѓутоа, во актуелниот момент веруваме дека е најдобро да го смениме менаџерот.Во име на сите во Челси, би сакал да му се заблагодарам на Френк за неговата работа и му посакувам успеси во иднина. Тој е важна икона во Челси и неговиот статус останува непроменет. Секогаш ќе биде топло пречекан на „Стемфорд бриџ“ – изјави сопственикот на Челси, Роман Абрамович.

Лампард седна на клупата на Челси во летото 2019 година, а изминатото лето беа потрошени оклу 250 милиони евра за засилувања кои не донесоа подобрување на резултатите. Челси моментно е деветти на табелата во Премиер лигата со 29 бода по 19. кола и се оддалечени за пет бода од Лигата на шампионите.

Негов наследник ќе биде Томас Тухел кој веќе ги прифатил понудените услови и во текот на денот се очекува да го потпише договорот и официјално да биде промовиран во нов менаџер на Челси.
Тухел неодамна доби отказ во ПСЖ, а освен францускиот шампион со кого минатата сезона играше во финалето на ЛШ, работеше и во Борусија Дортмунд, Мајнц и Аугсбург.