Фокусирањето на зелената агенда, дигитализацијата и инвестирањето во човечкиот капитал се неопходни за обезбедување на одржлив раст. Користењето на дигиталното знаење за постигнување економски и социјален развој и ставање на добаросостојбата на луѓето на прво место мора да бидат главни водилки при дефинирањето и носењето на политиките.
Ова го порачаа на затворањето на дводневниот Меѓународниот финансиски форум (СЕФФ) „Економско заздравување и раст по Ковид“ што се одржа во Скопје во организација на Министерството за финансии.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, на затворањето, порача дека идејата е конференцијата да прерасне во годишен формат, а заклучоците да се користат при креирањето на буџетските политики.
– Имаше многу предизвици кога ја почнавме оваа иницијатива, но имавме силна верба дека неопходно да продолжиме, со оглед на предизвиците од пандемијата. Со оглед на успешната дебата, го постигнавме првиот успех. Предизвикот сега е да го направиме успехот одржлив секоја година. Како што рече еден од учесниците, „кажавме многу што треба да се направи, сега треба да преминеме и направиме многу од тоа што беше кажано“. Следната фаза, е правење на работите, порача Бесими.
Заклучоците и пораките од сите шест панели, нагласи Бесими, ќе бидат сумирани и формализирани во заеднички документ, што ќе биде јавено објавен и презентиран пред Владата, во форма на конкретни чекори, кои што може да се рефлектираат во Буџетот 2021-2022.
– За крај сакам да споделам една порака. Ако сакаш да се движиш брзо, оди сам, но ако сакаш да стигнеш далеку, одете заедно. Затоа, оваа иницијатива не е за правење на работите брзо, туку за правење на долгорочни работи. Верувам дека заедно имаме можност да одиме далеку и успешно, изјави Бесими.
Економскиот истражувач Владимир Глигоров од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, на затворањето на форумот, порача дека пандемијата не ги промени економските, политички и други проблеми со кои се соочуваат државите, бидејќи во голем дел, овие проблеми и задачи, биле веќе присутни подолго време или би се појавиле без разлика на пандемијата. Зелената економија, енергетската ефикасност и климатските промени, според Глигоров, се работи што би требало да се направат без разлика на кризата предизвикана од Ковид пандемијата.
– Владите треба да бидат повеќе, на страната на сите, така што зголеменото мешање на владите, е речиси неопходно во вакви услови и реалното прашање е дали ќе ги земе во предвид интересите на сите. За жал, гледаме во многу држави, не само на Балканот, каде владите преферираат една или друга интересна или социјална група. Ова е навистина предизвик за јавните институции и Владите, изјави Глигоров.
Кога зборуваме за предизвиците и што треба да се направи, конкретно за Балканот или Северна Македонија, Глигоров, вели дека треба да се споменат неколку предизвици, како што се демографијата, неразвиеноста и невработеноста.
– Регионот старее и губи популација, од природни причини или миграција. Тоа, сметам дека е најголемиот проблем со кој се соочуваат државите. Епидемијата, не помага во тој поглед, бидејќи создава дополнителен мотив за луѓето да бараат друго место во светот, каде би можеле да растат, посочува Глигоров.
Друг проблем, според Глигоров, е тоа што регионот е недоволно развиен и доколку сакате да имате понапредни економски политики, се уште ќе треба многу да работите и во области, кои се типични за недоволно развиените земји, кои често не се во најнапредните индустрии.
– Повторно предизвик ќе биде да се вработат што е можно повеќе луѓе и да се отвори економијата, односно да се зајакнат врските со останатите земји од светот. Регионот е надвор од ЕУ и тоа го забавува развојот на овие земји, што сметам дека ќе се реши, порача Глигоров.
Развојот, според Глигоров, на Северна Македонија или регионот, генерално е поврзан со институционалниот капацитет, политичкиот амбиент, структурните проблеми и слично – прашања и задачи кои не ги донесе пандемијата или пак ги промени на некој драматичен начин.