Сите седуммина пациенти сместени на Клиниката за токсикологија во Скопје од денес се во стабилна состојба, без клинички манифестации, вели Андон Чибишев, директор на Клиниката. Кај нив нема изгореници или механички повреди.
„Кај нас во моментот се хоспитализирани седуммина пациенти, кои главно имаат инхалирано голема количина отровни гасови затоа што биле внатре во дискотеката додека таа горела. Немаат термички или механички повреди, туку главно се со инхаларторни повреди, односно повреди поради вдишување отровни гасови. Добрата вест од денес е што сите се клинички стабилни, без клинички манифестации“, рече директорот Чибишев.
Од моментот кога се случи смртоносниот пожар во Кочани на Клиниката за токсикологија минале 20 пациенти. Од нив, 13 поради влошување на состојбата или поради потреба од механичка вентилација најчесто биле префрлени на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде што има машини за механичка вентилација. Некои од пациентите што првично биле донесени на Токсикологија биле пратени и на лекување во странство. Чибишев рече дека сите пациенти што се на нивната клиника во моментот, но и оние што минале на неа, а сега се на КАРИЛ или во странство, се во добра општа состојба.