Седуммина македонски бизнисмени се дел од листата на 100 најбогати луѓе во регионот што ја објави српскиот магазин „Недељник“. Вкупно, богатството на овие седуммина Македонци, српскиот магазин го процени на 3,26 милијарди евра. Листата ги опфаќа Србија, БиХ, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија.
На 18. место или највисоко позициониран богаташ во регионот е Илија Гечев од ИГМ Трејд, а богатството му е проценето на нешто повеќе од една милијарда, поточно 1.054.000.000 евра. Според оваа листа, Гечев е единствениот милијардер во земјава.
На 38-мо место на листата на магазинот е Живко Мукаетов од Алкалоид (651.330.600 евра), додека на 45. место е Андреа Јосифовски од Макпетрол (565.501.055 евра). По нив на листата се Гоце Камчев од КАМ (282.535.496), Страшо Милковски од Гранит (251.175.396), Слободан Кутревски од Пекабеско (237.907.052) и Владимир Тодоровиќ од Тинекс (218.299.496).
Хрватскиот „крал на осигурувањето“ Дубравко Гргиќ е најбогатиот човек во регионот, според листата на „Недељник“. Гргиќ, кој ја предводи групацијата „Аграм“, има богатство од 2,84 милијарди евра, па следуваат српските бизнисмени Миодраг Костиќ и Мирослав Мишковиќ со по 2,77 милијарди евра.
„Недељник“ заклучува дека листата покажува дека и натаму важи некогашната југословенска поделба на развиени и неразвиени, бидејќи економиите на Црна Гора, БиХ и Македонија се далеку зад оние на Хрватска, Србија и Словенија.
Нееднаквоста е најизразена во Црна Гора, каде што имотот на петтемина најбогати вреди 1,7 милијарди евра, што е 35,4% од БДП, додека во Македонија ова изнесува 23,9% од БДП.
„Недељник“ ја состави листата на 100-те најбогати луѓе во регионот во соработка со две реномирани консултантски фирми кои работат на њујоршката берза, а сумите не покажуваат колку пари имаат бизнисмените на сметките, туку колку вредат нивните компании и колку пари потенцијално би можеле да добијат ако ги продадат денес.