Минатата година поради пандемијата со ковид-19 одложувавме бројни обврски, меѓу кои и прегледи кај лекар. Пандемијата нема брзо да заврши, а ризикот од зараза не е поголем од ризикот поради нередовно одење на гинеколошки преглед, да го загрозите вашето сексуално здравје.
Стравот од вирусот ковид-19 ја разниша нашата доверба кон лекарските ординации и нè увери дека можеби не треба да им го трошиме скапоценото време на лекарите за рутински прегледи, затоа што врз свој грб го носат најголемиот товар поради пандемијата.
Сепак, доаѓа време кога повеќе не може да се одложуваат прегледи и кога мора да почнеме да се враќаме во секојдневниот живот или како што сега веќе го нарекуваме, „нормалниот живот“, затоа што сфативме дека здравјето е најважно и дека треба да му се посветиме, а со тоа да се свртиме и кон насочување на вниманието кон сексуалното здравје.
Во рамки на подигнување на свеста за важност од превенција на ракот на матка, главен акцент е ставен и на информацијата дека постојат сериозни причини, зошто дури и во време на пандемија жените не треба да го занемарат одењето кај гинеколог и правењето ПАП-тест.
Што е рак на грлото на матката?
Рак на грлото на матката или на цервиксот се развива кога клетките од тој дел на матката стануваат абнормални. Со текот на времето, овие клетки може да се развијат во тумор, па постои ризик тој да се прошири на соседните органи, како што се мочниот меур или цревата. Затоа што цервиксот содржи два различни вида клетки, прочести и жлездени, во случај на појава на абнормалности, постои можност тие да се развијат во два различни вида на рак.
Што е ПАП-тест?
ПАП-тест се прави кај гинеколог и идеално време за тоа е во периодот кога жената не е во менструалните денови од месецот. Лекарот со посебно огледало, кое се вика спекулум ќе го исконтролира цервиксот, односно грлото на матката.
При преглед на цервиксот, внимание се посветува на неправилностите или на абнормалностите на неговата површина. По деталниот преглед на површината, се зема примерок од клетките со мала четкичка, кој се испраќа во лабораторија за понатамошна анализа. Целата процедура на земање брис за ПАП-тест трае пет до десет минути.
Која е важноста на ПАП-тестот?
Примерокот од клетките земен со брис од грлото на матката се испраќа на анализа за да се провери дали постои инфекција предизвикана од хуман папилома вирус (ХПВ). Ова е рутинска практика затоа што со тек на време клетките на цервиксот може да се променат. Поради тоа, во случај да биде откриен ХПВ со брисот, веројатно жената ќе биде упатена кај гинеколог за понатамошни анализи. Овој чекор е значаен затоа што ако абнормални клетки не се лекуваат, тие може да се претворат во рак на грлото на матката.
ПАП-тестот се прави со цел да се откријат евентуално скриени предканцерозни промени на грлото на матката. Но неговиот наод не е конечен. Во случај на позитивен ПАП-тест се прави втор преглед заради потврдување на дијагнозата (колпоскопија). Наодот од колпоскопијата е конечен и поради тоа после овој преглед може да се планира лекување. Околу 90 отсто од земените ПАП-тестови се негативни. Преостанатите 10 отсто пациентки имаат позитивен ПАП-тест и тие треба да имаат колпоскопски преглед.
Колку често треба да се прави ПАП-тест?
За сите сексуално активни жени се препорачува да прават ПАП-тест еднаш во годината, иако во некои европски земји и во САД лекарите ја советуваат жената контролен ПАП-тест да прави на секои три години.
Во случај да забележат необични симптоми, како неправилно крвавење или исцедок од матката, потребна е консултација со матичниот гинеколог за да се процени дали треба да се направи ПАП-тест дури и ако сè уште не е време за редовниот преглед.
Зошто е важно да се направи ПАП-тест во време на пандемијата?
За здравјето треба да се води сметка секогаш, па оттука не смее да се одложуваат прегледите кај лекар ниту во време на пандемијата. ПАП-тестот е исклучително важен бидејќи уште во рана фаза може да открие несакани промени на грлото на матката, што овозможува правовремено лекување.
Бидејќи во првите фази ракот на грлото на матката кај повеќе од заболените не дава симптоми, брисот е најдобар начин за контрола и за превенција.
Треба да се има предвид дека пандемијата нема да заврши брзо, па затоа ако ви е време за редовен ПАП-тест, јавете се кај својот лекар и закажете преглед, а таму ќе ве информираат за епидемиолошките мерки што треба да се испочитуваат пред влегување во лекарската ординација, како и за протоколите за време на прегледот.
Што да се преземе ако сте во ризична група или имате страв да посетите лекар?
Ако спаѓате во ризична група или, пак, едноставно сте исплашени дека ако одите во лекарска ординација постои поголем ризик да се заразите со ковид-19, внимателно следете ги епидемиолошките совети. Ако ви е време за редовен ПАП-тест, разговарајте со својот лекар за тоа дали во неговата ординација се преземени сите епидемиолошки мерки.
Тешко е со сигурност да се каже кога пандемијата ќе заврши, кога веќе нема да има ризик од зараза со коронавирусот и колку долго ќе чекате термин за следен ПАП-тест.
Поради тоа, направете добра проценка од ризикот од зараза со ковид-19 со ризикот за одложување на толку важен преглед како што е посета кај гинеколог поради ПАП-тест, па донесете одлука.
Ако забележите нешто необично, како што е ненормално крвавење меѓу менструалните циклуси или по сексуалниот однос, како и невообичаен исцедок, задолжително консултирајте го својот гинеколог. Секогаш постои можност од договор да дојдете први на ред за преглед за да го минимизирате контактот со други пациенти, а ако сте во изолација, тогаш ќе се договорите со гинекологот за термин откако ќе ви заврши карантинот, за да не го ширите вирусот.
Како пандемијата влијае врз женското сексуално здравје?
Очекувано, во споредба со 2019 година, во 2020 година се констатира намалување на бројот на гинеколошки прегледи, тестирање на ХИВ, како и на направени ПАП-тестови.
Можеби стравот од зараза и рестриктивните мерки за движење влијаеле на одлуката на жените да посетат лекар, но фактот дека здравјето е на прво место не смее да се занемари. Значи, закажете ПАП-тест кај својот гинеколог и максимално почитувајте ги протоколите во врска со ризикот од ширење на зараза од ковид-19!