Кризниот штаб на Општина Кочани денеска одржа седница на која се договараше координација на одговорните служби за заштита и спасување и преземање засилени превентивни мерки од појава на пожари.

Надлежните информираа дека најсериозна е состојбата на Осоговските Планини, каде што денеска се интервенира на пожар во атарот на Пресека. Исто така, пожарот од пробиштипското село Зеленград стигнал до врвот Панаѓур, а натамошното ширење е спречено со ископи од механизација.

-Синоќа единиците успешно интервенираа на пожари во селата Нивичани, Бели, Соколарци и Теранци, а дојава за пожар имаше и од селото Уларци, како последица на пожарот во Пробиштипско. Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и на Доброволното противпожарно друштво имаа интервенција и на пожар кај Градската депонија. Под контрола е ставен пожарот во атарот на планинското село Главовица, со кој противпожарните служби се справуваат четврти ден. Тој е локализиран и го контролираат мобилни екипи од ТППЕ – Кочани, информираа од општинскиот Кризен штаб на Кочани.

Според сознанијата до кои дошле надлежните служби, голем дел од пожарите се подметнати. За вчерашниот случај кај селото Бели, отворена е постапка во Јавното обвинителство – Кочани и се работи на идентификација на лицето што го подметнало пожарот.

Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов побара засилена контрола во претстојниот период, како од инспекциските така и од полициските патроли, редовна меѓуинституционална комуникација и брза професионална проценка на ризикот и потребите за интервенција при настанати пожари.