Собраниската седница за доверба на Владата почна точно во 11 часот, но продолжи со обновувања на барања за еден час пауза откако стана јасно дека опозицијата нема мнозинство од 61 пратеник, а пратениците од владиното мнозинство ја напуштија салата. Седницата треба да заврши до полноќ.

Кастриот Реџепи од Беса е пратеникот кој вчера заедно со другите опозиционери го стави потписот на барањето за седница на која ќе се гласа за доверба на владата, но денеска одлучи да не дојде во Собранието. Тој на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека одлуката не ја донел лесно, но дека одлучил да го стави „интересот на народот и државата на прво место“.

Беса, која е дел од владиното мнозинство одлучи да оди со опозицијата по одлуката на Државната изборна комисија за прегласување во Желино, каде што победи нивниот кандидат. Подоцна Управниот суд ја прифати жалбата на Беса и одби прегласување. Таа партија која на минатите парламентарни избори настапи на заедничка листа со СДСМ има тројца пратеници, од кои едниот е Реџепи што денеска одлучи да не дојде во Собранието. Покрај овие дел од опозицискиот кампус се и ВМРО-ДПМНЕ со 44 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива кои имаат 12 и Левица кои имаат двајца.

Во моментов опозицијата нема 61 пратеник за кворум и мнозинство за рушење на Владата, а крајниот рок за гласање е вечерва на полноќ.