Предложените измени ќе го подобрат фискалниот капацитет и ќе ги зголемат приходите на општините преку постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, со цел поголема финансиска самостојност и стабилност на единиците на локалната самоуправа.
На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање Владата ја разгледа и ја усвои информацијата и го прифати текстот на Билатералниот договор помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за ко-финансирање на големиот инвестициски проект „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“.
Со проектот „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“ се решаваат значајните еколошки и оперативни проблеми поврзани со создавање и управување со отпад и ќе се создадат услови за развивање на интегриран систем за управување со отпад во овие региони, како и во Општина Свети Николе.
Системот е во целосна согласност со ЕУ принципите и принципите на националното законодавство за животна средина и ги адресира сите елементи на управувањето со отпад, од спречување на создавање на отпад, негово собирање, па сѐ до отстранување на остатоците од отпадот.
Со проектот ќе бидат опфатени два региона: Североисточниот Регион (Општините: Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка) и Источниот Регион (Општините: Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Пробиштип, Зрновци, Облешево-Чешиново и Карбинци) и Општина Свети Николе.
На оваа своја седница Владата ја прифати Информацијата за потребата од склучување амандман на Договорот за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави – САД со кој се предвидуваат дополнителни 540.000 УСД.
Со овој амандман, вкупната вредност на грантот за партнерство за развој се зголемува, односно ќе изнесува 8.798.792 УСД. Со Амандманот доделените средства од 540.000 УСД се распределени за постигнување на развојната цел за зајакната економска конкурентност и за мерките борба против корупцијата.
Освен за овие цели, грантот на САД, кој се реализира преку УСАИД, е наменет и за поддршка на продуктивноста, за проширена интеграција на земјата во евро-атлантските регионални пазари, за зајакнување на енергетската безбедност и сигурност, за програми за поголемо учество на младите во општеството и за зајакнување на нивните економски можности и социјални вредности, како и за зголемена отчетност на јавниот сектор и за зајакнување на културата на отчетност кај граѓаните.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за склучување на Меморандум за разбирање меѓу Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Северна Македонија и Естонскиот центар за меѓународен развој во областа на дигитализацијата и е-управување.
Со Меморандумот со Естонија, којашто е лидер во дигитализацијата и е-управувањето, се дефинираат областите на соработка, и тоа:
• Мапирање на моменталната состојба во однос на дигитализацијата и е-управувањето во Република Северна Македонија;
• Подготовка и предлагање решенија за подобрување на правната, рамката на политики и институционалната рамка за дигитализација и е-управување во Република Северна Македонија;
• Размена на експертиза и искуство во однос на моделите за интероперабилност и дигитализација на јавните услуги помеѓу страните;
• Студиски претстој во Естонија за претставници од јавните институции од Република Северна Македонија;
• Помош при развој и спроведување на посебно ИТ-решение во Република Северна Македонија;
• Поддршка при осмислување и испорака на обуки неопходни за спроведување на ново решение со цел управување со промените во Република Северна Македонија;
• Размена на експертиза и искуства при развојот на алатките за комуникација за подигање на јавната свест во однос на примената на ИТ-технологии во Република Северна Македонија.