Сеавус Акселератор официјално ја потврдува својата прва поголема инвестиција од 200.000 евра во Synapse Aviation – стартап што беше дел од нивната акселераторска програма.
Synapse Aviation е компанија која нуди производи и услуги наменети за авиоиндустријата со цел зголемување на безбедноста и ефикасноста при оперирањето. Нивниот продукт – платформата Airport Briefing, е алатка за оперативна визуелизација и споделување на информации и комуникација за авионскиот екипаж која значително го намалува ризикот, го олеснува процесот на пренос на информации и комуникација за авиокомпаниите и сите операции што се случуваат во авионот. Конкретно, решението опфаќа приказ на информации поврзани со рутите и аеродромите, мапите и графиконите, како и придружните документи што ја покриваат областа на операциите при изведба на еден авионски лет, специјални аеродромски процедури и процедури за непредвидени ситуации.
Synapse Aviation е основана од Филип Арсов и Кочо Мојсов во 2016 година, а во изминатите години покажа значителен успех во однос на развојот на продуктот и остварување соработка со големите глобални играчи.
„Synapse Aviation e компанија со огромен потенцијал за пробив во глобалната авионска индустрија и воопшто еден од најветувачките стартапи во нашето портфолио и во земјава. Ние сме особено горди што Synapse Aviation беше дел од нашата акселераторска програма. Одлуката за инвестиција е резултат на подолготрајна заедничка соработка, опсервација и процес на менторирање во кој Synapse Aviation јасно покажа дека е подготвен да одговори на потребите на брзо растечкиот пазар, има јасна стратегија и фокус во насока на придобивање на конкретни глобални играчи што го потврди со потпишувањето на договорот со Lufthansa Group и пред сѐ има силен и одговорен тим, секогаш отворен и подготвен за соработка“, изјави Весна Ивановска, директор на Сеавус Акселераторот.
„Инвестицијата од Сеавус Акселератор доаѓа во вистински момент во период кога со стабилна трета верзија од продуктот Airport Briefing влегуваме во имплементација на договорот со Lufthansa Group според кој 10.000 пилоти од повеќе авиокомпании ќе го користат нашиот продукт. Изминатите 7 години, колку што го развиваме Airport Briefing, беа и период на внатрешно созревање и развој на тимот во кој Сеавус Акселератор и учеството во нивната програма беа голема поддршка за нас“, вели Филип Арсов, ко-основач на Synapse Aviation.
Сеавус Акселераторот е прв корпоративен акселератор во Македонија што поддржува технолошки и импакт ориентирани старт-ап компании, поддржан од Фонд за иновации и технолошки развој, Европскиот фонд за Југоисточна Европа – EFSE, Startup Wise Guys, Spring Activators, Accelerate2030 и многу други.
Во изминатите четири години, Сеавус Акселераторот спроведе пет акселераторски програми од кои три беа регионални – Tech Boost Programs и една глобална – Accelerate2030, преку кои на 33 стартапи од земјава им помогна да воспостават интернационална соработка и видливост надвор од границите на нашата држава, а дел од стартапите добија инвестиции и од регионални партнерски организации и фондови.